![]() ОД ПОСЕТАТА НА ТУРЦИЈА
ОД СВ. СОФИЈА ВО ИСТАНБУЛ ДО СВ. БОГОРОДИЦА ВО ЕВЕС Бизантион, Цариград, Костантинопол, Истанбул. Доста имиња за
босфорскиот град. Доста странци во Истанбул се протега на три морски брега и се простира на седум ридови. Тоа е прастариот Бизантинион, римски Константинопол и турски Истанбул. Јужните Словени отсекогаш го викале Цариград. Менувањето на овие имиња е последица на претходните драматични настани околу овој град, за кого се грабале повеќе народи: царот Константин во 330 година од по Христа го прогласил за престолнина на Источното Римско Царство, па според владетелот го добил името Константинопол; на 29 мај 1453 година го освоил турскиот султан Мехмед Втори Фатих (Освојувач) по што градот бил наречен Истанбул. Градот се развил по должината на бреговите на Босфорот, Златниот Рог, Мраморното Море и на околните ритчиња, па тешко е да се каже каде тој завршува, а каде почнуваат приградските населби. Сепак, познати се и убавите туристички квартови: Станбул, меѓу Златниот Рог и Мраморно Море; Бејоглу, меѓу Златниот Рог и западниот брег на Босфорот; Искадар или Скутари на источниот брег на Босфорот; и Кадикеј понајуг од Искадар, главно на брегот на Мраморно Море. Во Истанбул има над 50 царски палати и други културно-историски споменици. Најпознатата меѓу нив е палатата на Топкапи со преубавите царски одаи и хареми. Да споменам дека во музејот “Топкапи” ги видовме и специјалните чинии што ја менуваат бојата при допир со отров, наменети само за царевите. Без здив останавме и пред дијамантот познат како “Кашички елмас” и пред камата украсена со дијаманти и други непроценливо вредни предмети. Пред саркофагот на Александар македонски Меѓутоа, за нас беше предизвик саркофагот на Александар Македонски, кој бил донесен тука пред стотина години, од Сидон, во близина на Вавилон. На него се изгравирани стотина фигури што ги симболизираат победите на Александар Македонски; големиот и непобеден војсководач. Овој огромен и по многу нешта
карактеристичен историски експонат е најголемата атракција за
посетителите што доаѓаат во Археолошкиот музеј на Истанбул од
времето кога е пронајден во 1887 година, па се‘ до денес. И
покрај тоа што саркофагот е именуван по
Инаку, над Истанбул доминира “Аја Софија”. На посетителот ќе му биде тешко врз основа на денешниот изглед да ја открие променливата судбина на оваа градба. Сто педесет години е славена како светско чудо и секој се восхитувал, зашто тоа е споменик на високата култура, архитектура и градителски човекови дострели, и таков што веќе никогаш не е изграден. На денешниот посетител му е тешко, врз основа на надворешниот изглед на оваа црква, да го сфати исчезнатиот сјај на златна Византија. Променливата судбина на “Аја Софија” од христијанска црква над црквите до исламска џамија, конечно до денешен музеј, насекаде остави траги: во формата, многуте доѕидувања и преѕидувања, дополнувања и измени. Само величествената купола, чие кубе се наоѓа 56 метри над бродот на црквата, не загуби ништо од својата непроценлива вредност и убавина. Таа им послужи на многу источнички џамии како модел. Царот Константин Велики прв изградил црква на местото на денешна “Аја Софија” кога Визант, под ново име - Константинопол, го прогласил за главен град на Источното Римско Царство во 336 година, а оваа црква ја нарекол “Голема црква”. Двесте години подоцна оваа градба, а со неа и голем дел од Константинопол, изгореле во пожарот за време на бунтот против царот Јустинијан. Но, Јустинијан, пак, изградил црква, поголема и поубава отколку порано. Антемие од Трал и Изидор од Милет, најславни градители на Источното Римско Царство, ги направиле скиците. Но, царот непрекинато го следел развојот на овој проект. Еден ангел на сон му ги покажал плановите за градење, се шепотело кај народот. Градежните работи чинеле 360 центнери злато. Десетици илјади занаетчии шест години ги собирале сите скапоцености на Источното Римско Царство, најблескавиот мермер, најубавите столбови. Златни мозаици ги краселе ѕидовите. Кога била завршена, “Аја Софија” станала главен храм на христијанството. Тоа остана се‘ додека во 1435 година Турците не го зазедоа Константинопол, кој оттогаш го носи името Истанбул. Црквата е преправена во џамија, а во 1935 година Кемал Ататурк ја прогласил “Аја Софија” за музеј. Оваа прекрасна градба ја разубавуваат најпознатите антички светилишта - Ефес, Ерусалим, Рим,Охрид...
Сулејманијата или Џамијата на султанот Сулејман, пак, е градена од 1550 до 1557 година според проектите на Мимар Синан, по чии нацрти се изградени мостовите на Дрина и на Неретва. По површина е поголема од “Аја Софија” и Синан џамија, но нема толкав внатрешен декор, ниту високи минариња. Во неа истовремено можат да се сместат 27 000 верници, што е значајна карактеристика за неа. Од другите културно-историски споменици го посетив како и што споменав, и Топкапи сарај или палатата Топкапија која била резиденција на султанот; градена е од 1465 до 1468. Во неа денес се чува најголемото богатство на Истанбул, а можеби и на цела Турција - ако станува збор за подвижни вредности: украсни предмети од злато и дијаманти, колекција на оружје, украсено со бисери и смарагди, збирка златни часовници со минијатурни ликови во мозаик. Два златни свеќници се украсени со по 6 282 дијаманти, златна лулка, златен престол тежок 300 кг смарагди од кои еден е тежок 3,26 кг, Коран стар 1400 години - тоа се само некои од чудесните експонати што се чуваат во овој дворец - музеј. Исто така, нашата посета на Истанбул беше со цел да се зголемат и продлабочат врските на турските граѓани од Македонија со нашата држава, да се прошират мостовите на соработка, да се изнајдат нови патишта за подобро самоорганизирање, за афирмација на македонската држава, народ, црква, на македонската вистина. Посетата беше реализирана со помош на Институтот за национална историја “Кемал Ататурк” при Универзитетот “Беазичи”. На покана на оваа значајна турска образовна институција, одржав предавање за професори, постдипломци и студенти кои се интересираат за религијата, за МПЦ, за Македонија... Предавањето беше на англиски јазик на тема “Развојот на Македонската православна црква”. Инаку, Универзитетот “Беазичи” е формиран во 1963 година како Американски универзитет “Кенеди”, а од 1970 година е државен универзитет на Турција. Комплексот на универзитетот е лоциран на брегот на една височинка на Босфорот на европскиот дел. Од зградата каде бевме сместени, човек може да ужива во прекрасниот поглед кон Босфорот. Чиниш дека Господ го дарувал овој простор со убавини и раскош. Македонците оделе во Турција барајќи спас за подобар живот, но, многумина биле прогонувани и ги оставиле коските по Анадолија и на други простори, за што постојат и историски докази. Меѓу нив , секако, е карактеристична трагичната судбина на браќата Миладиновци од Струга. Тие биле егзекутирани во затворот Једи Куле, што е дел на одбранбениот градски ѕид, кој се протега долж водената шир на Босфорот. При посетата на затворот размислував за голготата, она што им се случувало на браќата Константин и Димитар Миладиновци. Затоа, посакавме што поскоро да ги напуштаме занданите, да забораваме на минатото и да размислуваме за иднината. Никогаш повеќе да не се повторат такви трагични судбини. Меѓутоа, вниманието ни го сврте дел од кулата во непосредна близина на влезната порта. Тука, на десетина метри во висина на тврдината е изделкано во еден камен шеснаесеткракото сонце, како она од Кутлеш. Инаку, Кулата била подигната во 1457 година, што говори за долговечноста на сонцето од Македонија, кое, како нем сведок ја потврдува поврзаноста на Македонецот со Истанбул. Исто така, го посетивме и Бејоглу, модерен кварт на Истанбул, кој претежно има резиденцијален карактер и во кој се концентрирани дипломатски претставништва, модерни хотели и вили. Сепак, за туризмот е најважен делот од Бејоглу каде што се наоѓа Долмабахче сарај. Тој е султанов двор, опколен со прочуениот парк на цвеќарницата за рози. Зградата се наоѓа на брегот на Босфорот и по општиот изглед потсетува на Версај. Во 27 репрезентативни салони и 365 соби со мебел од сите страни на светот, натрупано е толкаво богатство што го восхитува секој посетител. Само за внатрешната декорација се потрошени 14,5 тони злато. Од 1923 година, кога Турција е прогласена за република, ова била резиденцијата на првиот претседател Кемал Ататурк; овде тој умрел на 10.11. 1923 година. На сите часовници во дворецот стрелките се запрени на 9 часот и 5 минути, покажувајќи го времето кога згаснал животот на Кемал-паша, големиот реформатор и најголем син на турската држава, кој се родил во Македонија. Но, Истанбул е многу интересен и по надалеку познатата трговија и невидената бучава поврзана со неа. Така Гранд базар, Капали чаршија или Затворениот пазар, се магични места, каде на површина од 200 000 метри квадратни се слуша рекламирањето на стоката на околу 4 000 трговци. Секако, особено се цени златото и со него со добивка тргуваат во овие квартови. Има производи од цел свет, а цените се многу променливи - дури и во текот на еден ден. Џагорот и вревата до заглушувачки размери ги зголемуваат повеќето стотини илјади автомобили, особено таксистите не се малку кои не се придржуваат кон сообраќајните прописи, вообичаени во светот. Секако, и тоа е првостепено туристичко доживување по кое странецот долго ќе ја помни необичноста на овој евроазиски град - еден и единствен во светот. Донекаде туристички е активиран и источниот, азиски брег на Мраморното Море. Особено се важни неколкуте островчиња покрај источниот брег на водата, на кои одамна се изградени голем број вили, кои претставуваат убав архитектонски прилог и вистински украс. Тоа е Истанбул на Босфорот кој ги дели Европа и Азија. Двата истанбулски моста ги спојуваат двата континента, но, тука не се спојуваат само континентите, туку се среќаваат Истокот и Западот, во него се ракуваат Европа и Ориентот. Во куќата на Мајка Богородица Беше утро, топол и пријатен ден кога го напуштивме Истанбул и заминаве за Измир. Го продолжив патувањето со турската авиокомпанија и по околу еден час и половина стасав во три и пол милионскиот град Измир. Оваа метропола е сместена во Заливот што го носи неговото име и е распространета во низискиот дел и на околните ридишта. Добредојде ми посакаа повеќе турски граѓани со потекло од Македонија. А во Измир и околните места како да се преселиле долнореканскиот, велешкиот и другите региони од Македонија. Во голем број се како турски граѓани од Македонија, меѓу кои најбројни се Македонците-муслимани. Нив ги има повеќе во Измир отколку во Македонија. А Измир, кој е познат и под името Смирна е најважно морско пристаниште во Мала Азија, на брегот на Егејско Море и е трет град по големина во Турција. Смирна е стара јонска населба која била обновена во 4-от век пред н.е. За време на Римската империја и Византија, Измир бил еден од најголемите градови во Мала Азија. Во неговата историја стои дека градот бил под власт на Татарите, кои го опустошиле, потоа под Грците, кои го граделе и погрчувале, а во 1922 година е ослободен од Турците на чело со Кемал Ататурк. ![]() При нашиот престој во Турција го посетивме градот Ефес, каде има безброј објекти и предмети од еден долг период на постоење на оваа значајна античка локација. Меѓутоа, посетата на куќата на св. Богородица кај нас предизвика посебно чувство на возбуда кое се преточи во спокојство. Во тој прекрасен објект, човек како да е некаде во Македонија, во некој од манастирите на Македонската православна црква. Живописниот предел кај што е изградена куќата на света Богородица, посетителот го потсетува на пределите кои се земени за пример при изградбата на христијански манастири во светот. Просторот привлекува со својата убавина и живопис, а Црквата претставува пријатно место каде илјадници христијани и муслимани доаѓаат да се поклонат и да се помолат. Се чини во 2000 година Црквата беше најпосетена на 15 август кога се одржа најголемиот собир по повод Третиот милениум од христијанството, за што илјадници верници, намерници, христијани, муслимани и други ја посетија куќата на света Богородица. Инаку, според пишаните документи, познато е дека св. Јован ја донел света Богородица во Ефес во четвртата или петтата година, веднаш по распетието на Исус Христос. Куќата на планината Билбил, која била подготвена и направена од св. Јован, се наоќа на 420 метри надморска височина. Во текот на нашата посета на куќата на света Богородица имавме можност да се запознаеме со многу детали за откривањето на храмот, за посетите и почитта од страна на христијаните и муслиманите кон овој духовен центар. Притоа, силен впечаток оставаат големата статуа во дворот пред црквата, каде човек има чувство дека света Богородица ги пречекува дојденците и добронамерниците со раширени раце. Статуата, пак, на света Богородица во апсидата, била поставена пред стотина години и претставува прекрасен примерок пред кој секој се поклонува и с оддава почит на Мајката на Исус Христос. |