Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
 

            Во нашето духовно и културно живеење последните години сé поевидентен е недостигот од еден, макар и глобален, преглед: од појавата на македонските православни црковни општини до современиот црковен живот на македонските доселеници во прекуокеанските земји, САД, Канада и Австралија. Активното духовно и културно-просветно живеење на Македонците во дијаспората разгледува, навистина, во определен обем и време, низа суштински прашања што се однесуваат на вистината за Македонската православна црква и за македонскиот народ во минатото и за сегашните состојби во македонските православни општини надвор од Републиката.

            Со овој труд се настојува да се осветли историскиот и развоен пат на македонските православни црковни општини и на македонските доселеници во прекуокеанските земји, поточно да се посочи она место во македонската црковно -национална историја за кое се избориле самите македонски иселеници. Трудот опфаќа подолг временски период што претставува макотрпна, но и одговорна самоиницијативност, да се создаде таква публикација којa би го отсликала најважниот период на македонските православни црковни општини и активностите на македонските иселеници во нивните средини.

           При подготвувањето на материјалот, а текстовите за црковните општини со изведени скратувања на материјалите кои беа објавувани во весникот „Нова Македонија“ од Скопје, се користени публикации, списанија, научни трудови, писма, разговори, извештаи и друг вид материјали, што се однесуваат на животот и активностите на македонските православни црковни општини и на македонските доселеници во прекуокеанските земји. Оваа публикација не претендира на исцрпност, туку, напротив, таа само ги поткрепува наводите и констатациите изречени при третирањето на одделни прашања за значењето и улогата на Македонската Свети - Климентова православна црква.


                                                                         Академик Блаже Ристовски