Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   

МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ ПОРТРЕТИ

Во еден подолг период Славе Николовски - Катин го свртува вниманието на себе со својата динамична информативна и публицистичка дејност поврзана со иселеничкиот корпус поради што е централна фигура во односите меѓу црквата и државата, од една, и односите на државата, црквата и дијаспората, од друга страна. Ваквата негова позиција му овозможи номинација во разни друштва, здруженија и организации во Републиката и пошироко, а врз основа на тоа и учество на бројни симпозиуми, трибини и семинари во земјата и странство. На барање од нивните организатори кои ги ценат и почитуваат неговите погледи по низа прашања од сферите во кои дејствуваат, Катин оствари исклучително богата и динамична комуникација со бројни субјекти во државата и светот. Тоа му овозможи да навлезе во суштината на проблемите со кои беа преокупирани Македонците во дијаспората, но и државните структури во земјата, кои во разни периоди имаа различни погледи кон иселеништвото, што е и причина за отсуството на една подолгорочна и конзистентна државна стратегија кон нив.

          Свесен за тој факт, Катин настојува да ја пополни таа празнина, да го надомести тој вакуум со предлози и сугестии, но и со конкретни практични чекори да воспостави извесен баланс во односите на државата со раселените Македонци, со што започна да го гради големиот (златен) мост на нивното поврзување со Татковината, како самостојна и независна држава. Но, и нивното меѓусебно запознавање и зближување, независно од оддалеченоста на нивните дестинации.

          Широката палета на Катин за остварување на стратегиските цели на овој план, опфаќа бројни зафати, дел од кои веќе функционираат. Освен неговите релативно чести посети на трите континенти и личните средби со иселениците, преку монографските изданија за најуспешните од нив, Катин се обидува интересот за соработката со дијаспората да го пробуди и кај луѓето во државниот врв на земјата.

Б. Наумовски