![]() |
![]() |
Биографија Библиографија Избор на трудови публикувани од Славе Катин Симпозиуми, конференции |
![]() „СВЕТИТЕ ЗЕМЈИ“ ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА Патувањето во Израел беше дел од нашите посети на педесетина различни земји во светот. Но, тоа беше највозбудливото патување, исполнето со многу искушенија, сознанија и предизвици да ја запознаеме „Светата земја“, нејзините библиски места, градови, култури, религии, обичаи и многу карактеристики на нејзиниот современ свет. Притоа имавме можност да посетивме бројни споменици кои имаат светско значење и кои оставаат вечни траги во сеќавањата на посетителот. Израел за Евреите е ветената земја од Господа на Аврама и на неговите следбеници. Според библиските преданија од Стариот завет, првите доселувања на Евреите во ветената земја - Канаан започнале околу 2.000 години пред новата ера. Израел бил и останал факелот на светоста каде, раѓањето, чудотворието и моќта на Спасителот Исус Христос, е божествено сочинение и овоземна припадност следена од многуте стотици милиони следбеници кои ги има во сите земји од целиот свет. Кога се пишува за Израел треба да се каже дека центарот на светот е точно таму, на меѓата меѓу европскиот, азискиот и африканскиот континент. Токму таму е сместена „Светата земја“, чие име е добиено поради настаните поврзани за религиите и бидејќи копјата секогаш се кршат токму тука, на израелската територија. Од друга страна, пак, приказните кажуваат нешто друго. Имено, „Светата земја“, го добила своето име, затоа што Бог се погрижил таму да растат овошја и зеленчуци, кои давале плодови (храна) за тамошните жители. На тој начин, тамошните луѓе мислеле дека Бог ги сака премногу, се грижи за нив, им дава храна и затоа тие се свети, а земјата на која растат тие растенија е света. Исто така, Црквата на Светиот гроб, каде што Исус Христос бил погребан и воскреснал, е најсветото место за христијаните од сите меридијани, па не случајно се вели и дека е место на верата, надежта и љубовта на луѓето кои доаѓаат секој со својата вистина и исчекувања, поклонение и молитва, радост и тага. Според библиските преданија од Новиот завет за Христовото раѓање и неговото детство, посебен интерес привлекуваат градовите Витлеем и Назарет. Двата града денес се под палестинска управа, како автономни територии. Според Новиот завет, Исус Христос е роден во градот Витлеем, каде се наоѓа светото место во пештерата и во црквата „Раѓањето на Исус Христос“. Овој храм доживеал многу архитектонски градби и надградби и постојано бил зголемуван во различни периоди од историјата. Црквата претставува творечко постигнување на човештвото преку вонредно убавите креации на повеќе библиски мотиви, содржини и специфични христијански карактеристики. Денес, Витлеем е туристичко место и е преполно со гости од целиот свет, особено за време на деновите на одбележувањето на раѓањето на Исус Христос - Божиќ. Таму Божиќ се слави три пати во текот на годината. Назарет, пак, е свето место за христијаните, бидејќи во него се изградени бројни христијански цркви, манастири и други религиозни објекти. Овде се наоѓаат црквите: „Благовестие“, „Свети Архангел Гаврил“, која е изградена врз природните извори на „Пресвета Богородица“ и црквата „Свети Јосиф“. Тоа е градот во кој пораснал Исус Христос. Црквата на Светиот гроб е симбол на единството на сите кои веруваат во Синот Божји и жив сведок на поделеноста на христијаните. Животот, учењето и смртта на Исус ќе означат нова страница во историјата на човештвото. Во времето кога Евреите го оплакуваат уривањето на храмот, учениците на Исус од Назарет веќе го шират новото, христијанско учење. Ерусалим, градот на Исусовото страдање, смрт и воскресение, до денес ќе остане најголемото светилиште во христијанството. Ерусалим е град на вечните убавини и на светите места. Низ милениуми, населението на Ерусалим, но и тие што доаѓале и доаѓаат да му се поклонат, го воспевале и го воспеваат како град на вечноста, како центар на светот, како главен град, како град со голема политичка моќ… Според тоа, тој има повеќе имиња што му се дадени во Светото писмо, во Мојсиевите записи и во литературата. Израелците го нарекуваат Јерушалаим, од каде потекнува и денешното негово име – Ерусалим, што значи „град на мирот“. Меѓутоа, за постоењето на Ерусалим – градот на Христовите маки, смрт и воскреснување, во текот на последните два милениума не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде толку жестоко не се бореле, никаде толку длабоко не се мразеле и напаѓале како во овој свет град што е сместен на ладните и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим. Зачетоците на христијанството датираат уште од I век во Палестина, која тогаш се наоѓала под власт на Римската Империја. Во почетокот христијанството се проширило меѓу Евреите, за подоцна да се развие и меѓу другите етнички припадници. Првобитните апостоли и мисионери на христијанството биле Евреите, а неговите корени произлегуваат од старозаветниот јудаизам. Исто така треба да се нагласи дека Ерусалим е светото место на трите најголеми религии, центарот на светот, местото каде може да се сретнат локации на кои во исто време има остатоци од црква која била изградена и срушена, па на истото место синагога изградена па срушена, и на крај изградена џамија. Ерусалим е место кое е свето и за христијаните, и за Евреите и за муслиманите. Местото каде што е создадено сè што е свето, но во исто време е срушено и повторно изградено. Градот е единственото место каде што една до друга се најблиску трите религии, но и место каде што се и најмногу поделени. Тоа се гледа во организацијата на стариот град на Ерусалим кој е поделен на четири дела, христијански, муслимански, еврејски и ерменски. Ерменците се сметаат како најстара христијанска нација, затоа што биле први кои го примиле христијанството. Ова место по многу нешта е поврзано со Исус и неговите последни денови, местото на Исусовата голгота. Главната фигура на оваа слика е Ал -Акса џамијата, свето место за муслиманите. Според преданијата, христијаните го чекаат повторното појавување на Исус, муслиманите го чекаат појавувањето на зелениот конец кој треба да ја поврзе Ал - Акса со Маслиновата Гора, а Евреите чекаат да се појави, како што тие велат, вистинскиот месија, но не знаат како точно треба да изгледа. Израел не е само земјата на минатото, туку таа е земја на денешницата и иднината. Во Ерусалим се наоѓа музејот „Јад ва’Шем“ чија мисија била да изврши комеморација и документација на настаните, како и целосна селекција, истражување и публикување на доказите за холокаустот, потоа да направи избор и регистрација на имињата од жртвите, како и понатаму да истражува и да ги едуцира генерациите што доаѓаат. Оваа современа институција на Израел е една од најопремените во светот која може да послужи за пример. Во Тел Авив, пак, се наоѓа Музејот за дијаспората. Овој музеј ја отсликува и презентира историјата на еврејскиот народ од времето кога тие биле истерани од земјата Израел. Музејот за дијаспората го презентира вистинскиот и единствен историски развој на еврејскиот народ континуирано во целиот период на постоењето. Преку прикажување на културните, националните, образовните, семејните, религиозните и друг напредок, преку напорите и настојувањата кон поубава иднина се сака да се стекне, да се придобие, односно да се трасира еден широк двонасочен пат на личната и многувековна историска карта на идентификацијата на еврејскиот народ. Македонско-израелските мостови на поврзување, соработка и заемно почитување траат од многу одамна. Почнувајќи од древниот период па сè до денес, Израел како и Македонија бил, е и ќе биде раскрсница на различни нации, цивилизации, култури, јазици и религии. Затоа, со право се вели дека историјата на Евреите и историјата на Македонците е тесно поврзана. Почнувајќи од древните времиња на Александар Македонски, периодот на Римјаните и Византија, отоманскиот период па сè до следните светски војни, ќе се види дека Израел и Македонија имале слична, ако не и идентична судбина. Имено, низ овој долг и важен период во Македонија само две нации го избрале името на земјата како дел од нивниот идентитет - древните Македонци и Македонците денес. Македонците ја добија својата независност, социјалните, политичките и културните права во 1944 година, за во 1991 година да се конституира независна, суверена и самостојна држава - Република Македонија, а Евреите ја конституираа својата прва татковина Израел во 1948 година. Меѓу другото, во летописот на Ерусалим се наоѓа и името на Александар Македонски. Имено, Ерусалим бил освојуван од бројни воини, меѓу кои и од Александар Македонски. Интересно е тоа што градот доживува значаен процут за времето на Александар Македонски, кој овде дошол во 332 година пред новата ера, протерувајќи ги оттука Персијците. Во неговото време, како и во времето на неговиот наследник Птоломеј, Ерусалим јакнел како религиозен центар и станал израз на духовната хармонија на Израелците. Христијанството во Македонија започнало да се проповеда уште во апостолско време. По прифаќањето на христијанството, апостол Павле станал првиот проповедник на новото месијанско учење при своите мисионерски патувања. Апостол Павле, за време на својата мисионерска дејност, спровел повеќе патувања, во текот на коишто тој проповедал меѓу еврејското и паганското население. Апостол Павле во Македонија бил четири пати. Во тоа време Македонија била во составот на Римската Империја, исто како Израел, така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Едно од првите споменувања за патувањата на апостолите во Македонија се наоѓа во „Дела на светите апостоли“ најверојатно напишано од страна на апостол Лука, Евреите, пак, во долгиот и тежок пат на опстојување, во времето кога Римјаните го разрушиле Ерусалим и во пламенот на огинот изгорел Светиот храм, тогаш Јудеја била разграбена и опустошена. На Евреите им било забрането да живеат во нивната татковина Јудеја, со што настапува големото еврејско раселување по светот. Потоа во Јудеја доаѓаат муслиманите, крстоносците, Отоманците и секој на свој начин се однесува кон овој народ. Според пишаните документи првите Евреи пристигнале во Македонија за време на Римското Царство, кога Евреите пребегнувале од Израел поради гонење. Најстар доказ за постоењето на Евреите во Македонија е старата синагога која потекнува од III век пр.н.е. во античкиот град Стоби. Поголемите македонски градови како што се Солун, Скопје, Битола, Штип и други привлекле голем број Евреи и оваа заедница била во мошне добри односи со другото население во Македонија. Кога се пишува, пак, за тој мрачен дел од историскиот развој на Евреите во Македонија треба да се каже дека тоа има една друга димензија. Имено, судбината се поиграла со Евреите во април 1941 година, кога бугарската војска, која била сојузник на Силите на оската, навлегла во Македонија и окупирала голем дел од територијата. Така, на 4 октомври 1941 година, Бугарите вовеле закон со кој меѓу другото им забраниле на Евреите да бидат на каков било начин вмешани во општеството. Малку подоцна, Бугарите ги собрале речиси сите Евреи од Битола и ги преместувале во посиромашни и помизерни делови за живеење. Наскоро, во 1942 година, Бугарите во Македонија и Егејска Македонија (северна Грција) започнале со депортирање на Евреите. Во ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, во Скопје, кој тогаш бил привремен концентрационен логор. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупаторски власти, биле уапсени 7.144 Евреи, потоа транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани. Во спомен и сеќавање на погубените Евреи, во Скопје е изграден Музејот на холокаустот, кој по музеите во Ерусалим и Вашингтон е трет музеј во светот и прв во Европа посветен на жртвите на холокаустот. Во оваа пригода сакаме да потенцираме дека како македонски Канаѓани сме живееле и патувале во многу места во светот. Сме виделе и сме истражиле многу земји, нивните истории, култури, народите и нивните религии, политиките и сите аспекти од нивниот живот. Во текот на нашите патувања и посети на над педесет земји, научивме многу од нивните народи, култури, истории од секоја земја поединечно. Многу од земјите треба посебно да се почитуваат, некои не‘ импресионираа повеќе, некои помалку, а ни една земја во светот не’ не восхити со своите постигнувања како што тоа го направи Израел и еврејскиот народ. Во исто време да се патува по „Светата земја“ е голем предизвик, зашто таквото патување е повеќе од секое друго; таму се патува низ библиската земја, во земјата на пророците и патријарсите, низ земјата на царевите, земјата на апостолите… Да се чекори по земјата на Христовото детство, по бреговите на реката Јордан, на Галилејското Езеро и на Мртвото Море, по земјата осветена од Исуса Христа е ретко доживување за секој христијанин, за секој човек без разлика на неговите религиски убедувања и верувања. Прв пат, но не последен го посетивме Израел во 2001 година, а спомените ни се враќаат постојано и многу пати од тогаш до денес. Сме имале средби, другарувања и разговори со голем број Евреи не само во Израел туку и ширум светот. Затоа увидовме некои посебности во убавината на двете земји и народи, а во исто време огромни сличности во нивните судбини, минато, сегашност и иднина, како и предизвиците со кои тие се борат со текот на вековите. Што е тоа и зошто Израел напредува многу повеќе во споредба со Македонија, во многу аспекти од животот; на економски план, во религијата, културата, земјоделството, армијата, соседството, дијаспората... Тие беа прашањата кои не‘ заинтригираа, а кои се обидовме да ги елаборираме во ова дело. Сакавме да видиме како Израел ги решава прашањата и проблемите, слични на оние што Македонија се соочува денес. Како и што треба да се учи од Израел и еврејскиот народ, што би помогнало на Македонија и македонскиот народ за подобрување на иднината на државата, нејзината економија и живот во целина? Исто така, преку репортерските записи од патувањата по „Светата земја“ во кои се дадени бројни податоци, нашата цел во ова дело е да ги запознаеме Македонците во Татковината и во дијаспората со историскиот развој на Израел, периодот на Исус Христос, со јудаизмот и христијанството, како и со вистината за Израел и Евреите. Од друга страна, пак, нашите намери се на Евреите да им презентираме дел од историските факти за Македонија и македонскиот народ од времето на Филип и Александар Македонски до денес. Потоа, нашата цел е да го прикажеме историскиот развој на Македонската православна црква, на Македонците во соседните земји и во дијаспората, на Евреите во Македонија, со што читателот ќе може да добие поцелосна слика за судбината и вистината на македонскиот народ и на Македонија .
Славе Катин |