![]() |
![]() |
Биографија Библиографија Избор на трудови публикувани од Славе Катин Симпозиуми, конференции |
![]() Во овој труд, низ прилозите кои својата прва промоција ја имаа на бројни симпозиуми, конференции и трибини во земјата и светот, Славе Николовски – Катин открива еден навидум познат, а, всушност, недоволно осознаен феномен на Македонците во дијаспората: способноста за нивно брзо адаптирање и интегрирање во новата средина (радикално поинаква во секој поглед); изостреното чувство за прифаќање на новите општествени норми и стандарди и успешното вклучување во новите економски и социјални процеси. Таквиот modus vivendi им овозможува да го свртат вниманието на тамошниот естаблишмент врз сопствените цивилизациски вредности и врз својот автентичен геокултурен автопортрет, со кој Македонецот е препознатлив, речиси, на сите меридијани. Авторот на оваа книга, во секој случај, нуди една нова диоптрија за поинакво фокусирање на миграционите процеси меѓу Македонците, за едно подлабоко проучување на овој феномен, кој своите вистински димензии, значења и суштина, сé повеќе ќе ги добива токму во оваа фаза од развојот на Македонија како самостојна и независна држава, како рамноправен меѓународен субјект, прифатен и признат од светската заедница на народите, со својата историја и култура, без чии вредности не може ни да се замисли ризницата на светската култура. Дел од богатствата на македонскиот дух, преку фолклорот, музиката и песната, носијата, накитот и резбата, веќе се присутни на културните простори на државите во кои Македонците се времено или трајно населени, како што е присутно и нивното книжевно творештво на својот мајчин или на јазикот на кој зборува мнозинскиот народ. А, се пласираат и афирмираат низ сопствените печатени или електронски медиуми и воопшто низ повеќе насочената комуникација, која сé поинтензивно се остварува меѓу деловите на македонскиот народ во светот со нивната матична држава – Република Македонија. Книгата „Македонски иселенички паноптикум“ на Славе Николовски – Катин е дело кое заслужува и внимание и респект, колку од домашната, толку и од пошироката научно - културна јавност, а и од секој Македонец во татковината или во дијаспората. Во овој мига и во иднина, трудот ќе претставува значајна и своевидна документација за одбрана на националното, духовното и културното битие на Македонецот во светот. Борислав Наумовски |