Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
 

         Библискиот толковен речник од Петко Златески и Славе Николовски - Катин е првенец од ваков вид на македонски јазик, што излегува само после неколку години од појавувањето на комплетното македонско издание на Светото писмо на Стариот и Новиот завет. Составен е да служи како патоказ за истражувањето на Библијата, како помагало за секој љубител и читател на Светото писмо. Подготвен е да биде толкувач и водич низ библиските текстови и да помогне за подобро и полесно да се разбере Божјото слово.
         Библискиот толковен речник од Петко Златески и Славе Николовски - Катин, главно, содржи историски и археолошки податоци за личностите од Библијата, поединости за библиските настани и институциите, податоци за библиските книги. со најразновидни информации наменети за денешниот културен и религиозен свет. Исто така, дадени се и повремени кратки објаснувања на одделени теолошки термини, пропратени со бројни библиски цитати. На тој начин, доаѓа до израз изворниот мотив за составување на овој Речник, тој да биде не само со научни, туку и со информативни карактеристики.

         Речникот е богат со разновидни илустрации кои на читателот му го доближуваат чудесниот свет на Библијата, го освежуваат и оживуваат и на моменти наликува на еден вид мала енциклопедија. Затоа, со право може да се рече дека со својот скромен придонес од областа на библиското проучување, Словото Божјо ќе биде „како дождот и снегот што паѓаат од небото, ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да зеленее, како оган и чекан што крши крапа, но и како духовна храна послатка дури и од восочен мед.“ (Иса 55, 10. Ер 23.29; Пс. 18.11).

         На крајот, ќе споменеме една мудра изрека која вели: „Не е доволно само да се поседува Библијата, таа треба и да се чита; не е доволно само да се чита, треба и да се разбере и да се проникне во неа; не е доволно само да се разбере и да се проникне во неа, туку според неа треба и да се живее!“



 
                                                         М-р Ѓоко Ѓорѓевски          
                                           Професор на Теолошкиот факултет
                                              “Св. Климент Охридски” во Скопје