![]() |
![]() |
Биографија Библиографија Избор на трудови публикувани од Славе Катин Симпозиуми, конференции |
![]() Иселеничките хоризонти е книга која се чита во еден здив, зашто раскажувачката парадигма на Катин пленува со стилот и начинот на трансформацијата на настаните што се нижат како на лента од возбудлив филм кој не води од континент на континент. Како вистински пазител со чувство за откривање на возбудливите страни на животот, Катин е своевидна појава во нашата културна и научна јавност. Светот што ни го открива не е имагинарен, туку реален и непосредно доживеан, во кој авторот е соучесник и сведок, а не само посматрач. Неговите оценки и констатации извираат од живиот контакт и фактографијата со која го соочуваат неговите соговорници и затоа треба да се прифатат како релевантни факти и една продлабочена анализа за нашето иселеништво. Иселеничките хоризонти на Славе Николовски - Катин, нè доближуваат до низа нови сознанија и состојби поврзани со Македонците во светот, за кои ретко каде можат да се најдат автентични податоци. Тој факт на книгата и дава посебна привлечност и атрактивност што е резултат на раскажувачката способност на авторот, кој во описите на некои ситуации, а особено на панорамските хоризонти, блеснува како вистински мајстор на зборот. Сето тоа придонесува државите, градовите и регионите населени со Македонци на сите континенти, да ги чувствуваме како да ни се на дофат, блиски познати, како и ние самите да сме дел од нив. Се разбира, таквиот впечаток го создава пристапот на Славе Николовски - Катин кон феноменот на иселеништвото, експлициран во неговата вистинска димензија што ја чини магнетизмот на националниот арсенал и духовниот потенцијал на Македонската православна црква како неодминлив стожер на Македонците во дијаспората. Оттука и сознанието дека приопштувањето на ова дело нè прави побогати за уште едно ново и продлабочено видување на земјата и народот на кои им припаѓаме и горди што се чувствуваме Македонци на било кој дел од нашата планета. Борче Наумовски |