Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
 

        Македонците како библиски народ, своето постоење и опстанокот низ историјата, најверојатно му го должат, меѓу другото, и на празникот Илинден, издигнувајќи ја неговата верска и национална симболика до ниво на маѓија која ги поврзува, независно дали се наоѓаат во Австралија, САД, Канада, Европа или на други простори. Овој македонски празник е ден над деновите, симбол над симболите, магнет над магнетите, со кој националното ткиво има своја резонанса и планетарна шифра, по која светот Македонците ги распознава.

          Магнетизмот на Илинден во дијаспората најсилно се доживува во текот на илинденските иселенички празнувања. Во тој период најголемо внимание привлекуваат Илинденските пикници, како најмасовни манифестации на иселеништвото. На тие денови се одржуваат бројни црковни осветувања, полагање камен темелници на нови духовни храмови и одржување на национални, културни, црковни, спортски и други манифестации. Овие празнувања, особено во Австралија, САД, Канада и Европската Унија, се одржуваат повеќе од пет децении, што значи дека тие се веќе традиционални.

          Илинденските празнувања на сите континенти имаат свој типично македонски концепт, односно функционираат како систем кој го мотивира и стимулира најкреативното кај Македонците на овие простори. На нив доаѓа до израз исконското, цивилизациското кредо на нацијата, изразено низ вредностите создавани со векови во областа на музиката, фолклорот, везот, резбата и носијата, кои ја збогатуваат културната гама на државите во кои се етаблирале, во почетокот на пократок, а подоцна и на подолг рок.

                                    Авторот