Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
 

МОНОГРАФИЈА ЗА ГОГА ПЕЧЕНКОВСКИ

        Животната историја на Гога Печенковски е, истовремено, и историја на Преспа, а преку неа и на Македонија. Зашто она што се случувало од исконските времиња на Александар Македонски, преку незаборавните битки на цар Самоил, до оние на Гоце Делчев и Стив Наумов и Мите Богоевски, во преспанскиот регион, ги отсликува сите историски голготи низ кои минувала Македонија, сè до нејзиното прогласување за самостојна и независна држава. Со оваа книга за неговиот животен пат, во најкуси црти и најсублимирано, се проектира најновата фаза на македонската историја. Затоа, нејзиното значење ги надминува рамките на обична монографија за животот на едно македонско семејство.

          За авторот на ова дело посебно значаен е и еден друг факт. Тоа е придонесот на Гога за моето лично доживување на времето и просторот во кои живееле неговите блиски роднини Киро и Дежда Печенковски, едно од ретките успешни македонски семејства во канадскиот бизнис. Затоа и мојата лична благодарност кон него и неговата сопруга, кои ми укажаа и внимание и чест да се запознам со корените на ова истакнато македонско семејство, како во земјата, така и надвор од неа. Дотолку повеќе што и самиот потекнувам од Преспа.

          Од овие причини, нема поголемо задоволство кога во фокусот на моето внимание ќе се најдат успешни Македонци, луѓе кои целиот свој живот му го посветиле на својата Татковина Македонија. Еден од таквите патриоти е Гога Печенковски. Се надевам дека оваа монографија за неговото семејство, ќе го потврди тој факт.

 Славе Николовски -Катин