Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
english
 ПРОЛОГ
(Никола Поповски)
 

            Најстариот архијереј по хиротонија во составот на Македонскиот Православен Епископат и единствениот жив потписник на историската Одлука на Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква (од 1967 година) за возобновување на на целосната духовна и канонска автокефалност на Охридската Архиепископија, Неговото високопреосвештенство, митрополитот полошко-кумановски господин Кирил (Никола Поповски) е роден на 23 јули 1934 година во Царев Двор, Преспанско. Основно образование завршил во своето родно место со одличен успех, а Богословија во Призрен.

            Потекнува од благородното христијанско, православно семејство Поповски, кое ова презиме го добило затоа што со векови било посветено на Бога и на Црквата Христова. Неговите предци повеќе од 300 години наназад на Црквата на македонскиот народ ќе и посветат 32-јца свои луѓе во свештенички чин. Еден од нив, познатиот репортер на Македонското радио, Панде Поповски, беше ракоположен во свештеник. Ова во младиот Никола уште повеќе ја поттикнало љубовта кон Бога, која дополнително ќе биде стимулирана од свештеникот во царевдворската црква “Свети Никола”. Во него дефинитивно ќе надвладее желбата да се посвети на Божјата наука наместо школувањето да го продолжи во некоја од воените школи, што исто така било во план. Вратите на Воената академија за него останале затворени бидејќи татко му Бојан на почетокот од педесеттите години од 20-тиот век не влегувал во колективот и не давал ниту од стоката, ниту пак педа од својата земја за формирање на задругата во Царев Двор. Поради тоа властите во бивша Југославија, односно во НР Македонија, го сметале за непријател. Затоа Никола Поповски наместо на тогашната Југословенска армија, станал војник на Бога.

            Од мал, како четврто дете, меѓу осумте рожби на неговите родители Милица и Бојан Поповски, токму покрај топлото родно огниште ќе се соочи со типично македонско благородно извориште на православната вера и на оригинално македонољубие, чија света традиција ќе му го осмисли животот. Овде за него, покрај богосознанието од тврдокорните православни верници, меѓу кои растел, а подоцна и од древните богослужбени текстови, зачувани во долапите и во ковчезите на прадедовските поколенија, благородие ќе му претставува и оној здрав, изворен македонски патриотизам кај неговите родители, дедовци, баби, и други роднини, со кои бил опкружен. Уште на детска возраст ќе го почувствува мирисот на темјанот во убавата црква во Царев Двор, посветена на Свети Никола. Одејќи секојдневно во Основното училиште, кое се наоѓа во близина на овој храм, младиот Никола често ќе навраќа во него.

            Од поголемиот број пријавени кандидати на приемниот испит за запишување во призренската Богословија, што се одржал во 1951 година во Скопската митрополија, како одличен ученик и со од Бога даруваниот убав глас бил примен заедно со уште малкумина други кандидати. Тоа е првата повоена генерација од Македонија, која се здоби со богословска наобразба во траење од пет години.

          Еден период минува низ многу тешки животни искушенија, бидејќи во времето во кое се школувал, честопати се пропагирало дека верата е опиум за луѓето. Го издржал и тоа премрежје и во 1956 година се здобил со диплома за завршено петгодишно богословско училиште. По дипломирањето на Богословијата, Никола ја отслужува воената обврска во Сремска Митровица во траење од двеипол години.

          По враќањето од војска, во 1962 година младиот богослов бил примен на работа како службеник во Скопската митрополија. Во Скопје го доживува катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. Притоа, заедно со протојерејот Славко Димевски и со својот школски другар Александар Цандовски, вложува максимални напори за спасување на архивската документација на Македонската архиепископија, која ќе биде пренесена во резиденцијата на тогашниот архиепископ охридски и македонски господин господин Доситеј.

          На Благовештение, 7 април 1964 година, ќе се замонаши во манастирот “Раѓање на Пресвета Богородица” кај Кичево и со радост ќе го прими името на македонскиот рамноапостол свети Кирил Солунски. Притоа од страна на Неговото блаженство, архиепископот г.г. Доситеј, ќе биде ракоположен во чин ероѓакон, а по кратко време бил унапреден во архиѓаконски чин. Во тоа својство, пролетта 1965 година, младиот архиѓакон Кирил ќе го придружува поглаварот на Македонската православна црква, архиепиускопот г.г. Доситеј, при посетата на САД и Канада, каде асистира на празникот Цветници при евангелисувањето на првата македонска православна црква во Торонт, посветена на Свети Климент Охридски. На Томина недела, пак, ќе учествува во осветувањето на храмот посветен на Пресвета Богородица во американскиот град Колумбос.

          Во текот на едномесечниот престој во САД и Канада (во споменатата 1965-та година) високата делегација на МПЦ ќе ги посети и Гери (Индијана), Сиракуз и други градови.

          По враќањето од САД и Канада, со благослов на поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Доситеј, но и на поглаварот на СПЦ, патријархот г.г. Герман, архиѓаконот Кирил е испратен на студии во Московската духовна академија во градот Загорск. Со тоа само се потврдува дека неговото минато е кристално чисто. Меѓутоа, по две години студирање, односно по завршувањето на првиот степен, ќе биде повикан да се врати во татковината заради исполнување на повозвишени духовно-црковни и национални интереси на Македонија, на Македонската православна црква и на македонскиот народ.

          На 5 јули 1967 година Светиот архијерејски синод на МПЦ го избрал за викарен еоископ со титула Тивериополски. Од тој ден г. Кирил станува најмладиот член на САС. По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули истата година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на првоврховните апостолиц Свети Петар и Свети Павле, е извршено наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, ќе биде хоротонисан за викарен епископ Тивериополски.

          Како член на Синодот веднаш се вклучува во довршувањето на обемниот елаборате за возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија.

          Пет дена подоцна (на 17 јули 1967 година) Светиот архијерејски синод на МПЦ ќе одржИ седница во црквата “Света Богородица Перивлепта” во Охрид, на која ќе биде донесена историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. По потпишувањето од страна на сите членови на Синодот: архиепископот г.г. Доситеј и митрополитите г. Климент, г. Наум, г. Методиј и г. Кирил, Одлуката истиот ден беше презентирана пред членовите на Третиот црковно-народен собор, што се одржа во Катедралниот храм на охридските архиепископи “Света Софија”.

          На овој собор г. Кирил е избран за прв надлежен архијереј на штотуку востановената Американско-канадско-австралиска македонска православна епархија, со која ќе раководи повеќе од две децении. Целиот свој живот ќе го посвети на духовно-црковното и националното обединување на македонскиот народ.

          Зема учество во повеќе делегации на МПЦ за запознавање на сестринските цркви со возобновата на автокефалноста на Црквата на македонскиот народ, преку презентација на опширниот елаборате. Истовремено ја извршувал и функцијата претседател на Комисијата за враќање на тогашните македонски богослови од од богословиите на СПЦ.

          Во 1968 година, како надлежен архијереј на АКАМПЕ, ја реализира првата визитација на северноамериканскиот цонтинент. За време на едномесечниот престој во САД и Канада ќе го освети третиот македонски православен храм на американските простори, црквата “Свети Ѓорѓи” во градот Сиракуза-Њујорк, а ќе посети и други градови во кои го отвори процесот за формирање македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светиклиментовата МПЦ. Во нив митрополитот г. Кирил во наредните повеќе од две децении ќе одигра видна улога, оттргнувајќи повеќе илјади Македонци од српски, грчки и бугарски цркви за да се црквуваат во македонските православни храмови. На тој начин беше спречена натамошната денационализација на македонскиот народ на тие простори.

          По враќањето од САД врши интензивни подготовки за реализација на првата посета на Македонците во Австралија. Притоа со одбран тим на свои најблиски соработници ги изработува клучните документи: првата епархиска Конституција со експозе и новите правилници за македонските црковни општини, усогласени со светите канони и новиот Устав на МПЦ. Според нив ќе бидат формирани и ќе работат новосоздадените парохии на МПЦ со новите цркви. Всушност, првата канонска визитација на Австралија ќе ја изврши на почетокот од 1969 година заедно со митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. По враќањето од петтиот континент врши обемни подготовки за посета на Канада И САД. Во канадската метропола Торонто, каде Македонската етничка заедница е најбројна, ќе биде неговото седиште и тука презема темелни потфати за формирање на првите органи и тела на епархијата.

          На 10 август 1969 година во катедралниот храм “Свети Климент Охридски Чудотворец” во Торонто, со величествени свечености, ќе биде извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија. Чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј.

          Во 1971 година, кога во МПЦ ќе биде востановена Полошко-кумановската епархија, митрополитот г. Кирил ќе биде одбран за нејзин прв администратор со сите права и надлежности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ. Неговото архипастирствување со оваа епархија ќе биде крунисано со најголем успех преку возвеличаемото потврдување на Шар Планина во македонски православен Сион преку изградбата на манастирскиот комплекс посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец. Ова македонско православно светилиште се вишнее на 2000 метри надморска височина и тоа на вакавското место Попова Шапка.

          Под неговото мудро архипастирско раководење, во двете епархии се изградени, реновирани и преуредени преку стотина храмови на МПЦ. Меѓутоа, духовно-црковните и националните постигнувања, особено на планот на обединувањето на Македонците во целиот свет, односно од сите делови на Македонија, имаат непроценливо значење.
          Тие резултати ќе придонесат во 1972 година митрополитот г. Кирил да биде поставен за претседател на Одборот за изградба на Соборниот архиепископски храм “Свети Климент Охридски” во Скопје, потоа за претседател на Одборот за извршување на првото мироварение по возобновувањето на автокефалноста на нашата света Црква, а од 1996 година станува претседател на Хуманитарната организација “Милосрдие” при МПЦ, која досега има обезбедено храна, лекови, медицински помагала, разни апарати и друго во вредност од десетина милиони евра. Помошта се распределува на најбедните, гладните, изнемоштените, на здравствени домови, на селски и други помали амбуланти и асоцијации во Република Македонија на кои им е најпотребна. Во “Милосрдие” најголемиот хуманитарен дострел го достигна во војната во Република Македонија 2001-2002 година, кога помошта за загрозеното население значеше да се опстои во живот.

          Извонредните резултати ќе го поттикнат третиот поглавар на автокефалната Македонска православна црква, Неговото блаженство архиепископот охридски и македонски господин господин Гаврил, во една пригода да изјави дека ...она што го работи владиката Кирил е света работа.

          Тоа ќе го потврди и четвртиот поглавар на МПЦ, Неговото блаженство архиепископот господин господин Михаил.

          Иако не ги очекувал, сепак, доделените награди и признанија на митрополитот г. Кирил се многубројни. Доделени му се: Златна плакета од Матицата на иселениците од Македонија, како и Орден заслуги за народ со сребрени зраци (25 мај 1984 година со Указ број 43 на тогашното Претседателство на СФРЈ, за неговите извонредни активности меѓу македонското иселеништво). Доби и Благодарница од еден од најстарите македонски фолклорни ансамбли “Гоце Делчев” од Скопје, потоа највисоките признанија од општините: Кратово, Крива Паланка, Куманово и други. Голем е бројот на специјалните плакети добиени од Македонската православна епархија за САД, Канада и Австралија, односно од македонските православни црковни општини во прекуокеанските земји, кои му беа врачувани на најголемите свечености по разни поводи, јубилејни одбележувања, како и при крупни остварувања во нашите црковни општини.

          Екуменизмот во благородното Кирилово срце ќе биде почувствуван дури и во Ватикан. При секој негов престој во Светата Столица, од 1968 година до денес, тој бил удостоен со високи почести и пиетет.

          Како најстар архијереј по хиротонија и архипастир со 40-годишно искуство и со значаен историски изминат пат во поновата историја на нашата света Црква, тој достојно е респектиран од македонскиот народ и Македонската православна црква како голем борец и пободник за запазување на честа, достоинството и автокефалниот статус на нашата света Црква. Тоа особено се потврдува на просторите од Полошко-кумановската епархија, која митрополитот г. Кирил ја возглавува како нејзин надлежен архијереј.

          Продолжува да го носи Светиот Крст врз своите плеќи и гордо и достоинстврно ја изодува македонската Голгота, исполнувајќи секој свој чекор со молитви кон Бога за спасение на родната и мила Македонија, на благородниот македонски народ и на нашата Светиклиментова Македонска православна црква.
Славе Катин
 
 
 
 
МАКЕДОНСКИОТ ДУХОВЕН ПАСТИР Г. КИРИЛ
  
Ви зборувам вистина во името на Христа,
не лажам - тоа го сведочи мојата совест
преку Светиот Дух, дека ми е многу жал
и срцето ме боли постојано; оти повеќе би сакал
јас да бидам одвоен од Христа
за браќата свои, моите сродници по плот.
(Послание до Римјаните 9, 1-3)
 

          Секој народ има свои истакнати пастири, свои духовни водачи, луѓе врз чии дела и зборови се темели неговиот опстој, неговата историја, идентитет и култура. Во зборовите и делата на тие луѓе, народот ја наоѓа својата духовна сила, која му помага да истрае во тешките животни моменти, со кои секој етникум се соочува при својот историски развој. Основната духовна мисија на таквите народни водачи е да бидат вечни чувари на сопствениот народ, а нивниот глас го препознаваме веднаш, зашто тој постојано нé повикува на нашето единство, ги посочува нашите заеднички корени, зборува за стабилноста на нашата братска заедница и за сите други работи кои се витални за егзистенцијата на една нација. Таквите пастири, во секој момент од својот живот, во секој момент од своето дејствување ги води една света мисла, никогаш да не престанат да го заштитуваат својот народ, никогаш да не престанат да бидат последната линија на одбраната на неговиот идентитет и национална самобитност.

          Ние, православните христијани, во своето сеќавање посебно ги запазуваме и славиме личностите кои на одреден начин ја „спровеле” во дело Божјата промисла. Таквите луѓе ги нарекуваме свои учители и нивниот пример се обидуваме постојано да го оствариме и примениме во своите животи. Некои од нив се удостоиле Божјата милост и Неговата света промисла да ги определи да бидат првенци и херои во својата непосредна средина, токму меѓу својот сопствен народ. Таквите луѓе се објект на воодушевување и анализа за целото народно потомство и за сите идни генерации. Понекогаш, врз тие луѓе, односно врз нивните животи, се базираат сите битни и значајни настани од одреден историски период на целиот народ, а некои, пак, се директни „виновници” за цивилизациското и културното напредување на цело едно општество.

          Македонскиот народ отсекогаш, во сите моменти на својот еволутивен пат, имал среќа да ги има таквите луѓе во своето јадро. Во секое време од својата страдалничка и токму заради тоа и свештена историја, имал бројни патријарси, кои со својата величина и самопрегорна работа силно влијаеле на културното и цивилизациското издигнување и напредување на Македонецот. За среќа, македонскиот човек е силно втемелен врз Христовата база и основа, која во себе ги содржи добрината, правдата и убавината. Националната историја на македонскиот народ во исто време е и свештена и црковна историја на Македонската Православна Црква, од едноставна причина што токму Црквата на просторите на нашата татковина ги дала личностите кои го описмениле, просветиле и умудриле македонскиот човек. Црквата ги родила личностите кои ја создале самосвојната македонска литература и уметност, оригиналната македонска култура и наука, потоа македонското чувство за државност и политичко дејствување итн.

          Еден од тие многу наши пастири, духовни татковци, кои со својата појава и дејствување во одредени моменти од нашата историја биле двигатели на мислата за слободна Македонија и обединет македонски народ секако е и Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Можеме да искажеме многу епитети и многу убави зборови за да ја објасниме величината на овој човек, но најголемиот, највеличенствениот и најсоодветниот збор за големината на неговата личност и дело е едноставно зборот - пастир. Овој збор, најповеќе од сите нé води до вистинското определување на неговата личност. Неговото Високопреосвештенство, г. Кирил, носејќи ја во своето срце Божјата благодат и сведочејќи го во секоја прилика вечното слово Божјо, е нашиот пастир, нашиот најценет духовник, кој до ден денешен, не престанал да нé повикува да се препознаеме како браќа, да се поздравиме како ближни, да го зачуваме единството меѓу нас, да си помогнеме во тешки моменти и сите заедно да го кренеме својот глас за македонската вистина, кога нашата македонска заедница ќе ја надвиснат било какви непријателски пропаганди и притисоци. 

          Она што посебно го одликува дедо Кирил, уште од млади години, е неверојатната верност и преданост на македонската кауза, која пред сé се состои во зачувување на националната свест на Македонецот, а потоа и во негово издигнување и промовирање на духовен и религиозен план. Ретко може да се сретне таков човек кој ќе држи исто темпо на своите уверувања, но се разбира ќе биде и постојан во напорот и желбата за практично дејствување и спроведување на зацртаниот план. За него зборовите „мајка - црква” не значат само една обична флоскула, која се користи за обични и секојдневни потреби. Повикот на мајката - Црква за влегување во нејзиниот клир за дедо Кирил значи целосно, беспоговорно и безрезервно служење и предаденост. За владиката Кирил ништо не е побитно од овој повик, ниту своите лични амбиции, ниту личните желби, ниту своето образование. Сето ова со еден збор ќе биде ставено во втор план за да се оствари во некое подобро време, тогаш кога од него било побарано да се врати од туѓина и да се зафати со работа на Божјата нива во љубената Македонија. Дедо Кирил тогаш сериозно ќе ја сфати поставената задача, македонскиот народ треба да се организира и духовно да се раководи, а во исто време да се гради и возобновува Македонската Православна Црква и славната Охридска архиепископија.

   „Чест, слава и благодарност на сите оние синови и ќерки кои кога требало, не зажалија да го подарат животот за слободата на татковината и кои умееја еднаш херојски да умрат, за потоа да живеат со ореол на вечна слава во срцата на сите идни македонски рожби и поколенија” - ќе рече во една прилика Митрополитот Полошки-кумановски г. Кирил, Владиката Кирил се карактеризира како човек со истенчено национално чувство за делото на оние наши предци, на хероите, на творците кои оставиле бескрајни и епохални добра за својот народ и својата татковина. „Тие никогаш не умираат, туку заедно со своите дела вечно живеат, да го следиме нивниот саможртвен пример и да се инспирираме од нивната неизмерна љубов и искрена преданост кон својата татковина Македонија” - повикува г. Кирил.

          Неговата витална улога во возобновувањето на Охридската Архиепископија и основањето на Македонската Православна Црква, како единствен жив архиереј од тоа време, неговото сведоштво за македонската вистина на секое светско тло кое го почуствувала неговата нога, како и храброста која ја демонстрираше во најтешките моменти во поблиската историја на Македонија, возобновувајќи ги разрушените манастири од бесниот воен виор кој ја зафати Македонија се само еден дел од татковската заштитничка ролја која со направените дела и жртвата за македонското единство му се наметнува на дедо Кирил, како знак за негово вечно препознавање.

          Значајна е улогата на дедо Кирил и во опфаќањето и во сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји, кога благодарение на неговата активност, Македонската Православна Црква направи силен пробив меѓу бројното македонско иселеништво, овозможувајќи задоволување на црковните чувства и потреби, јакнење на единството среде македонскиот народ, зацврстување на слогата, евангелската љубов, чувството за слобода, разбирањето и заедништвото со сите луѓе во средините во кои се определиле нашите македонски браќа да живеат. Нему Бог ќе му промисли да ги организира и изгради од корен македонските црковни општини во дијаспората. Македонското иселеништво, повеќе отколку тука во матичната земја, ќе биде со години нагризувано и индоктринирано од лицемерните и себичните политики на соседите. На овој пат ќе треба одлучно да се застане и во име на вистината и правдата со сите сили да се победи опскурноста и мрачното зло кое одблизу се заканувало со асимилација. На време е пратен дедо Кирил за да ја спречи оваа катастрофа и со силна вера и молитва во срцето и усните и со добра порака ќе се појави тогаш младиот и корпулентен Мирополит и со силината на божествената проповед набргу ќе го отера непредвидливиот виор кој како дамоклов меч виси над главата на македонскиот човек. Ваквата негова одлучност и пламена истрајност во проповедта ќе наиде на гнев и безумен отпор кај непријателите на вистината, но сето тоа ќе биде сфатено како ново семе што ќе даде стократен плод на плодната македонска православна нива. Македонската православна црква во дијаспората ќе продолжи да се гради и изградува и со текот на времето ќе ги трасира основните постулати на своето дејствување од кои и ден денеска нема отстапување.

          Божјата промисла го определи дедо Кирила да í се најде на својата татковина тогаш кога е најтешко, кога опасностите и лукавите искушенија се најголеми. Мораме да признаеме дека за да се води и брани еден народ повеќе од 40 години не е воопшто лесна и едноставна работа. За да се биде одлучен во најтешките времиња, кога се заканува страшното ропство со сите негови пропратни демонски замки, единствено е сведоштво за големата желба за слобода, која е основниот човечки порив и основната човечка потреба. Во ситуација кога од сите страни демне опасноста, а во исто време да се гради и да се сведочи вистината, навистина е потребна состојба на духот како на свет маченик и цврстина на волјата како на апостол - мисионер.

          Македонија е непобитна реалност, и покрај сите обиди за негирање на нејзината вековна и од древни времиња историја, јазик, идентитет, култура, име, па и територијата на кои како македонски народ имаме единствено ексклузивно и наследено право. Тоа е еден сосема видлив и јасен факт, кој без историски заблуди, може да го препознае и нашиот брат Грк, Бугарин, Србин, Европјанин и секој еден жител на овој свет. Но, и покрај нашата одлучност и заколнатост да ја браниме македонската вистина, сепак во некои историски моменти нашите пастири ни се повеќе од потребни. Водачот на народот е оној кој непрестано и до вечност нé потсетуваат кои сме и што сме, од каде сме и од кога сме, вечно нé потсетуваат на евангелските заповеди за вера, надеж и љубов, при секоја мачна ситуација во која како народ ќе се најдеме, тие ни даваат насоки како да одиме напред, но и никогаш да не заборавиме како било назад. Нивните зборови се секогаш актуелни, а нивните дела се вечен прирачник за духовно и национално зацврснување и обединување. 

          Среќен сум што во мојот животен век, живее и нашиот македонски пастир, дедо Кирил. Сигурен сум дека како таков, тој го има одговорот на секое прашање за Македонија, бидејќи го познава и последниот атом од македонската душа. Навистина е тешко делото на еден човек да се увиди и оцедни додека е тој жив, а дедо Кирил поседува пастирски авторитет и кај најслабата по дух македонска личност. Големината на неговиот лик и дело сé уште ќе расте, и сигурен сум дека тој уште од сега го осигура своето место во македонската историја и со многу го задолжи македонскиот народ. Дедо Кирил е нашиот учител и неговата личност е урнекот на кој ќе треба и ние помладите да се подучуваме и угледуваме.

          Во Монографијата посветена на ликот и делото на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, преку фотографии, на еден илустративен начин ќе видиме раскажана една цела историја не само на еден човечки живот, туку овде ќе го увидиме подемот на една Црква и на еден народ. Оваа Монографија е силен доказ дека Македонската православна црква е жива Црква, осенета и закрилена од Троичниот Бог. Во неа може да се види националниот дух и карактеристика на обичниот македонски православен човек, да се согледа неговиот литургиски живот, неговата надеж и смирение и неговата стрпливост и предаденост на Божјото раководење. За оној кој искрено стои пред Божјата Правда, во оваа Монографија ќе биде видлива целата Божја мудрост и убавина во раководењето на цел еден народ на патот на спасението во Неговото свето царство. Навистина голем и семудар е нашиот Бог, Кој во тешките и клучни моменти од македонската историја ни го испрати за народен чувар и просветител македонскиот владика Кирил.

          На многаја лета високопреосветени владико Кириле! Ние твоите духовни рожби ти изразуваме поклонение и благодарност и во исто време те молиме да се застапуваш пред Бога за спасение на нашите души.
 
 
Митрополит Повардарски
Агатангел (Станковски)   
 
                          THE MONOGRAPH ON METROPOLITAN KIRIL 

     On the 14th of December 2007, the Monograph on Metropolitan Kiril written by Slave Nikolovski-Katin and published by the Diocese of Polog and Kumanovo and the Makedonska Iskra Publishing House, was presented to a great number of well-know politicians, cultural workers and diplomats, as well as to many believers and other quests, at the Cathedral Church of St. Clement of Ohrid. His Beatitude Archbishop Stephen of Ohrid and Macedonia delivered the keynote speech about this piece of work, written in Macedonian and in English, and he was followed by Metropolitan Agathangel of Povardarie and publicist Stavre Dzikov who delivered their speech about this Monograph as well.       

 The Most Reverend Metropolitan Kiril of Polog and Kumanovo is the oldest enthroned Bishop of the Macedonian Orthodox Church. In addition, he is also the only living signer of the historical Decision of the Holy Bishops’ Synod of the Macedonian Orthodox Church (1967) on the restoration of the entire spiritual and canonical autocephalous status of the Ohrid Archbishopric. Metropolitan Kiril is the first Bishop in charge of the American-Canadian-Macedonian Diocese, and of the Diocese of Polog and Kumanovo.

      This Monograph on Metropolitan Kiril, written by Slave Nikolovski-Katin, well known and acknowledged publicist, cultural worker and journalist, has confirmed the growing interest in an animated approach to the truth about Metropolitan Kiril and, along with it, to both the Macedonian Orthodox Church and the orthodox Macedonia. This piece of literary work offers an interesting opportunity to follow the steady progress of Metropolitan Kiril achieved in his spiritual development during his life thus far.       

 

     This book, which has come from the pen of Slave Katin is, in fact, a modest representation of Metropolitan Kiril’s devotion to God, his work and life thus far, and his work during a 40-year period marked by his efforts, within the bounds of his possibility, to fulfil a part of the oath given during his official appointment as bishop in 1967.   

     This Monograph on Metropolitan Kiril is a luxurious 360-page publication in large format which, in addition to the text in Macedonian and in English, contains a great number of photographs from his past and present. It is divided into seven chapters. In addition to the introduction by Archbishop Stefan, there are texts about Metropolitan Kiril’s fatherland and family roots. A special place is dedicated to Kiril as founder and affirmer of the Macedonian Orthodox Church in the diaspora. Short texts are given for any churches and monasteries the foundation stones of which were laid or were consecrated by Metropolitan Kiril during this period of 40 years. Also, an appropriate text is given about the Diocese of Polog and Kumanovo and about its churches and other church facilities. A modest space is dedicated to Metropolitan Kiril through the pages of the press. At the end of this book extended texts are given on the occasion of the 40th anniversary of the Macedonian Orthodox Church, when it was given the highest state recognition, as well as on the occasion of awarding the highest church recognition “St. Clement of Ohrid” to Metropolitan Kiril, followed by the reviews of Metropolitan Agathangel and publicist Stavre Džikov. 

     This important and highly characteristic literary works presents, in a special way, the overall national, spiritual, religious and cultural-educational existence of our brothers and sisters who have decided to live in the democratic countries blessed by God – in the USA, Canada and Australia. 

      Slave Nikolovski-Katin has portrayed the destiny and commitment of one of the bishops of the Macedonian Orthodox Church clearly and based on facts; the Church that has been playing an important role in gathering the Macedonians home and abroad. It was fully expressed following the constitution of the Republic of Macedonia in 1944, the renewal of the Ohrid Archbishopric in 1958, and proclamation of its autocephaly in 1967. The Macedonian Orthodox Church has made a major breakthrough among the Macedonian expatriates in the overseas countries and in other countries thanks to Metropolitan Kiril, among others.  

  This important work of Slave Katin is dedicated precisely to the man who has left permanent marks in the development of the church life in Macedonia and in the overseas countries. This publication is a significant contribution to the strengthening and deepening of the knowledge about Bishop Kiril. The great spiritual and patriotic deed of Metropolitan Kiril is a specific example and stimulus to the young generations to contribute to the development of the church and spiritual life and affirmation of the Macedonian Orthodox Church. At the same time, this literary text about Metropolitan Kiril is a road sign for the other members of the Macedonian clergy, and an affirmation of the Macedonian people and of the Republic of Macedonia. 

      This manifestation was enriched by the church choir “St. Clement of Ohrid” and maestro Boris Trajanov, opera singer, that sang religious and sacred songs.        
Stavre Dzikov