Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
english

 ВОВЕД

          Авторите на оваа монографија ме замолија да напишам неколку редови за делото на Силјан Мицевски-Циле. Тоа го прифатив со задоволство од повеќе причини:

          Прво, во 1996 година ја издадов книгата ,,Менаџмент и профит” во која нашироко зборувам за достигнувањата во практиката науката во развојот на менаџерството во светот. Во главата осум се зборува за менаџментот во Република Македонија. Во неа постои и наслов ,,Професионализмот во раководењето со претпријатие”. Животот е исполнет со позитивни и негативни појави во сите сфери од делувањето на човекот. Се разбира дека позитивните нешта се истакнуваат како би биле патоказ како треба, додека негативните - како не треба да се работи.

          Второ, животот и работата на Силјан Мицевски, мене ми послужи за прикажување, а со тоа и за барање, како треба да работи нашето стручно, раководно лице кое управува со пртпријатие или друг субјект.

            Во спомената книга на страниците 527 и 528 е забележано:
           ,,Примерот се однесува на Градежното претпријатие ,,Пелистер” од Битола и на генералниот директор Силјан Мицевски, Примерот покажува како на ова претпријатие не му пречеше во неговиот развој ниту:

- отсутниот почетен капитал (тргна во освојување на пазарот без никакви средства);

- самоуправувањето во претпријатието;

- концептот на здружениот труд;

- транзицијата, која е во тек во нашата земја.

          Оваа приказна почнува на 1 март 1968 година кога за директор на Занаетчиско-молерофарбарската задруга ,,Уметност” од Битола беше избран Силјан Мицевски и приказната трае и денес, со амбиција таа да продолжи и во наредниот период. Маркетиншката порака ни зборува: Градежното претпријатие ,,Пелистер” гради за ЏЏИ век.

          Во првите денови на работното ангажирање, овој стопанственик на работа затекна 9 вработени. Техничката опрема на ова општествено претпријатие беше рамна на нула. Таа се состоеше од канти за боја и скали и - ништо повеќе. Новиот директор внесе еден велоспиед на кој се ставаа кантите и една скала и се носеа на местото каде се бојадисуваа дадени простории. Наредната година бројот на вработените се зголеми на 40 лице. Во 1970 година извршено е припојување кон ова претпријатие на ,,Монтер” од Битола. Во ,,Монтер” беа вработени луѓе кои работа на електрика и др. Во 1974 година кон ова претпријатие се припоени: градежните работници од ,,Младост” од Битола, како и градежниот погон на битолската ,,Тулана”. Една година подоцна ова претпријатие се јавува како Градежно претпријатие ,,Пелистер” од Битола. Во 1992 година тоа ја припои во својот состав битолската ,,Тулана”, која се наоѓаше во стечајна постапка. Со цел за пробивање на странските пазари тоа формира фирма ЕИЦ ,,Пелситер” во Оберхаузен-Германија, во која се вработени 40 луѓе од битолската фирма. Градежното претпријатие ,,Пелситер” од Битола на крајот на 1995 година брои 1300 вработени. Тоа целосно е приватизирано. Во 1995 година неговиот приход изнесува 25 милиони германски марки, без резултатите од нејзината фирма во странство. 

          На прашањето што е тајната на успехот на претпријатието, претседателот на Управниот одбор и генералниот директор на ова претпријатие Силјан Мицевски вели:   

- Прво правило - ние од почетокот до ден-денес не сме зеле ниту еден кредит од банките. Само еднаш отстапивме од ова правило. Зедовме кредит само за неколку дена, така што веднаш го вративме. Значи, цело време од 28 години работиме само со сопствени средства.

- Второ правило - не смее ништо да се купи и исплати во колку за тоа нема пари во касата. Не се памети ова претпријатие да покажало загуба или во периодични пресметки или во завршни сметки.

- Трето правило - не смее да не се исплати платата на сите вработени и тоа еднаш месечно.

- Четвртото правило вели: договорените рокови со купувачите можат само да се скратат, а никако да се пролонгираат. Работите мора да се реализираат со договорениот квалитет, итн.

            Овие четири и други правила зборуваат за професионално водење на бизнисот, со максимална примена на научните сознанија, после кое не изостануваат успесите на претпријатието.

            Трето, поминаа два-тринаесет години од напишаните зборови. Се случија многу големи промени. На пример, во Битола не постои повеќе фабриката за фрижидери која произведуваше и по 1000 фрижидери за домаќинство во еден ден, не постои повеќе ,,Битолатекст”, ја нема Свиларата ,,Илинден”, Кожарата ,,Борис Кидрич” и други фирми кои беа опремени со западно-европска техника и технологија и кои продаваа стоки, главно на истиот пазар. Компарацијата на дадени вистини овозможува да се каже дека Градежното претпријатие ,,Пелистер” од Битола, сега како акционерско друштво, гордо чекори по битолските, македонските, но и по пошироките простори. Тоа е водено низ времето од паметен, одговорен, сестран стручњак кој има разбирање за промените во времето, во практиката и науката кој со посебни правила и принципи, кои се негови, чекори напред како во животот, така и во работата.

            За да биде целосна, на реалната оценка за единката и за претпријатието треба да се додадат и резултатите кои тие ги даваат на државната и општинската каса или каси. Силјан Мицевски постојано и без прекин ги полни споменатите каси во согласност со неговите деловни резултати.

            Овој човек исполнет со идеи и енергија не се изразува само во ,,Пелистер”, туку тој е присутен и надвор од него со бројни активности во науката, образованието, здравството, информативната дејност, политиката, дипломатијата, спортот...

            Од големиот број на активности се споменуваат само два настана од спортот. Клучен човек за нивното остварување беше Силјан Мицевски. Првиот е поврзан со ракометот и со одржувањето на ЏЏИ ракометен турнир ,,Трофеј на Југославија”, одржан од 30 јуни до 5 август 1981 година во Битола. На овој настан учествува спортисти од Демократска Република Германија, Советскиот Сојуз, Швајцарија, двете селекции на Југославија и од Социјалистичка Република Македонија. Вториот е поврзан со одржувањето на Првото европско боксерско првенство за кадети 1997 година, одржано од 4 до 14 јули во Битола. Учествуваа 28, а беа поканети 31 држава. На првенството учествуваа боксери од: Албанија, Ерменија, Азербејџан, Хрватска, Кипар, Република Чешка, Англија, Естонија, Германија, Унгарија, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Холандија, Полска, Романија, Русија, Шкотска, Република Словачка, Словенија, Турција, Украина, Велс, поранешна СР Југославија.

 Вон. Проф. д-р Ѓорѓи Михајловски
 
Битола,
21 април 2008 

КОН МОНОГРАФИЈАТА “СИЛЈАН МИЦЕВСКИ” 

Акад. Владо Камбовски

                Отсекогаш ме опседнувала мислата дека сè што постои околу нас, што е изградено и воопшто создадено со човечка рака и ум и станало дел од реалниот свет кој не опкружува, е смислено направено така, што да содржи некоја порака, некаков знак оставен од оној кој го создал. И дека секое, од најмалото до најголемото дело или градба е некоја овековечена, скаменета идеја, мисла, која треба да се чита и препрочитува низ времињата. Засадено дрво, пат, некаков подѕидок, чешма, мост, куќа и што и да е друго што има три димензии во просторот, бедзруго мора да содржи и четврта, која е всушност негова суштина и смисла. Таа треба внимателно да се открива, затоа што не ја содржи само овоземската намера на оној кој го создал таквото дело, именуван или безимен. Овоземската, искуствената, се препознава без никаков посебен напор, зашто е очигледна самата по себе: од чешмата се пие вода, по мостот се поминува, во куќата се живее, така што на прв поглед толкувањето на градбите завршува со таков летимичен поглед врз нивната секојдневна употребна функција. Но ако малку се позамислиме, ќе испадне дека работите не се така едноставни. Зашто кога сите тие дела би биле по својата содржина и облик подредени на некои исклучително практични потреби, не би изгледале ни толку убаво, ниту толку разнолично: сите куќи, на пример, би биле потполно исти, без никакви непотребни надворешни и внатрешни украси.

                Скриената порака на секоја градба можеме да ја протолкуваме ако појдеме од сознанието дека нејзината смисла е подредена на некои повисоки идеи, отколку што е практичната. Прва таква идеја е естетското, убавината, која е една од основните вредности и доблести на човекот. Втората е умноста, рационалноста, како основна карактеристика на човековото битие. Третата е долговековноста: сè што се прави, се прави за да се знае и да се памети, за градбата да го надживее градителот. Поминувајќи покрај градбите, стари со векови, сигурно се прашуваме: кој, зошто и како ги градел, според градбите ја реконструираме целата животна ситуација на оние кои ги граделе, се обидуваме, ако не се наоѓаат во историски записи, да ги идентификуваме и да ги замислиме како луѓе, вршејќи една инверзна реконструкција: од градбата, каменот, кон оние кои ја создале: ѕидарите, конструкторот, оној кој дошол до идејата и ги обезбедил материјалните услови за нејзиното создавање, нивните маки и нивната умност и знаења.

             По тој начин разбираме дека градбите остануваат, а се менуваат само посматрачите и толкувачите на нивните тајни пораки.

 *

               Ете, поради некоја таква опседнатост со фасцинантноста на било кое човеково дело, особено сум ги ценел и ги ценам градителите, луѓето кои создаваат живеалишта, собиралишта и мостови, каков што е мојот драг пријател Циле. Кога животот на човекот би бил устроен така што едниот дел би го искористил за еден вид творештво, кое е повеќе мисловно, а другиот дел за друг вид, кој би ги претставувал во јасен, материјализиран облик идеите и мислите, тој втор дел го замислувам исклучително како улога на градител, како некој Раде Неимар од романите на Иво Андриќ, една вечна митска фигура на создавач. Зошто? Затоа што градењето е надворешен израз на создавањето, а создавањето е пак смислата на човекот и неговото битие. Покрај тоа, секогаш сум ги сакал и сум се восхитувал на оние кои создаваат, било што, според нивните можности, умеења и способности, и ми биле не само туѓи, туку дури и крајно одбивни оние кои рушат, уриваат, растураат (понатаму: убиваат, раскаруваат или воопшто преземаат било какво дејствие со префикс “рас” или “раз”-небитуваат, несуваат, нишуваат итн.).

               Силјан Мицевски-Циле е најарниот претставник на таквите градители кој го познавам. Не само според референтните градби, претставени во монографијата на Славе Катин и Ѓорѓи Лумбуровски, не само поради пристапот на постојано градење на мостови на пријателство, спортска, деловна, меѓународна и друга активност и соработка, туку во прв ред и пред сè поради човечките доблести кои му се насушти. Не може човек кој создава и е во вечна потрага по естетското, да не ù служи на добрината. Не може човек да е добар, а да не ја сака вистината. Конечно не може да ја сака вистината, а да не биде поклоник на правдата. Тоа се четирите вредности, запаметени уште од времето на античките филозофи, кои Циле ги чува и штедро ги дели со своето семејство и пријатели, но и со сите добронамерни. Немало некој, познат или непознат, кој не бил од него примен, сослушан и испочитуван, кој не побарал совет или не го сакал како соговорник. Невообичаена е сериозноста со која им приоѓа на кој било проблем, од најмал до најголем, како и неверојатната трпеливост да расправа за нив. 

*

               Не може да пишувам за Циле, а да не пишувам за Битола. Ние Битолчаните кои живееме надвор од родниот град имаме една заедничка психолошка карактеристика: сите мислиме дека сме некако на привремена работа во Скопје или во други градови, или сме дојдени по некоја работа што треба да ја завршиме и, по можност на крајот од неделата, брзо-брзо да се вратиме назад. Таквиот природен нагон за враќање го делам со Циле, кој дури и дел од својата работна недела ја поминува во Битола. Мене, за жал, работата ми дозволува во Битола да се враќам само во саботните и неделните денови. Сум забележал често дека таквата наша особина не може да ја разберат во средината во која живееме. А и јас не сум ги разбирал и не сакам да ги разберам оние кои кренале сидро од својот роден крај, од своите живеалишта, имања, родители и другари, и не помислуваат од време на време да ги посетат. Често пати им забележувам дури и на моите Битолчани, кои живеат во градот, за нивната немарност, просто мрзливост, која ги одвраќа од престојувањето во околните места, од кои потекнуваат. Па таквата предност, да имаат само на неколку километри од градот населби прекрасни според природните убавини, би ја посакувал секој Француз или Германец! Да не зборувам за Англичаните или Ирците, кои купуваат куќи дури и кај нас, привлечени од исконската сила на ова поднебје! 

               Затоа, кога се среќаваме со Циле во Скопје на почеткот од разговорот е секогаш прашањето: беше ли, или, кога ќе одиш за Битола? Некое прашање редовно се повторува кога се претпоставува неговиот одговор: да, бев, или имам намера да одам оваа сабота! Според тоа, прашањето е повеќе конвенционално, но ние Битолчаните си го имаме прифатено како една договорена лозинка, преку која се тестираат многу работи, вклучувајќи и констатација дека, ако некој не отишол или нема да оди за Битола, бездруго му се случува нешто што е добро или, не дај Боже, лошо. 

              Битола има магнетизам што го немаат другите градови кај нас, магнетизам од посебен вид. Скопје го има магнетизмот на успешноста, напредокот во професијата, но Битола го има уште поважниот за човека магнетизам на мирот и спокојството, на враќање кон човековата суштина. На крајот од краиштата, што е животот, дали е тоа само трка по успешност, заработка, напредување во кариерата, или е нешто друго и повеќе од тоа? Доволно е да се прошета по Широксокак, по Старата чаршија, кон Тумбе-кафе, и одговорот да стигне самиот од себе.

               Сигурно е дека за таквиот дух на Битола кој крепи и лечи, инспирира и поттикнува, придонес имаат нашите Битолчани, нивниот менталитет и градска култура, битолското Корзо, нивните познати навики да излезат, особено во неработните денови, и да седнат во кафаните, па и да се напијат по некоја, да одат на излет, да скокнат до Трново и Магарево, па и погоре на Пелистер, а може и понатаму до Преспа и Охрид, до Бистрица па и понатаму до Лерин, до Демирхисарско, да не зборувам за Хераклеа, манастирите и околните кории. За малку да го пропуштам Мариово и Кајмакчалан. Има ли некаде, било каде во светот таква убавина, собрана на едно место и истурена со сета раскош во самиот град и во неговата непосредна и поширока околина? Битола била, е, и сосема е извесно дека ќе биде силен културен центар, чијашто важност во новиот европски простор не можеме ни да ја согледаме, и дека допрвин доаѓаат деновите на нејзиниот препород.

               Неспорно е дека за таквиот духовна и културна состојба и подем на Битола, нашиот “најградски” град, огромен придонес има Циле, со создавањето на градбите кои ја украсуваат, со неговото залагање и активности како градоначалник да го обнови нејзиниот сјај како конзулски град и важна културна раскрсница, но пред сè со својата човечност и пријателство. Тоа е онаа човечка, хумана градба врз која се потпира нејзиниот градски и културен дух, создаден во чудесната симбиоза помеѓу градот и неговите граѓани. Циле е во вистинска смисла заслужен граѓанин, кој му давал и му дава се што умеел и можел да му даде на својот град, не штедејќи ги своите способности и добрина. 

               Со сето тоа, покрај другите признанија, сосема оправдано ја заслужил и оваа монографија, па и мојот скромен прилог кон нејзината содржина.

КОН МОНОГРАФИЈАТА НА СИЛЈАН МИЦЕВСКИ

Вера Стојчевска-Антиќ

          На прв поглед, уште со земањето во рацете да се чита оваа монографија, читателот ќе се изненади од тежината и големината на книгата на авторите Славе Николовски-Катин и Ѓорѓи Лумбуровски. Меѓутоа, со внимателното следење на секое поглавје расне интересот за личноста во монографијата, и за оние кои недоволно го познаваат, а за тие што добро го познаваат битолчанецот Силјан Мицевски ѓе биде рекапитулација на еден исполнет и изоден пат кој заслужува да наметне своевиден заклучок.

          Имено, во монографијата е хронолошки и успешно предадена почвата на Македонија и Битола, на која се нижеле историски настани, борби, растења и паѓања, а целата таа сеопфатност оставала траги во македонската традиција и дух, како што е случај и со фамилијата на Мицевски, која го однегувала. Покрај прикажувањето на растежот и развојот на Силјан Мицевски, во сите негови чекори кон цивилизаторскиот од на времето, годините минати во образовните познати институции на Битола, студиите, работниот стаж, напредувањата, идеолошките определби, формирањето на семејство, награди и признанија особено во менаџментот на стопанскиот и економскиопт раст, во вишнеењето на спортскиот живот кој му е вкоренет и однегуван, треба да се цитира една негова запаметена пословица од неговиот татко Јонче. Кога ја пишувавме со владиката м-р Методија Златанов третата книга со наслов ,,По стапките на христијанството во Македонија” морав да ја дополнам со градбата на црквата „Света Петка”, извишена во селото Ташмаруниште, со донација на Силјан Мицевски и Бошко Илоски. Притоа, го запрашав Силјан што го поттикнало да вложи позамашна сума финансии во црквата. Тој веднаш ми одговори: „Секогаш ја имав предвид често повторуваната изрека на татко ми: „Рака која дава не се суши”!

          Тогаш се изненадив и од оваа склоност на Силјан, покрај погоре наброените дејности и особености.
Овде сакам да додадам уште една бисерна максима што ја слушнав, по повод мојот интерес за религиозниот однос на неговата личност. Сакајќи да ја дополнам сликата за Силјан, побарав мислење или видување од негов добар пријател и познавач. Тој многу сигурно даде едно прекрасно мислење за него, но откако му ветив дека нема да го откријам неговото име, ниту пред публиката, ниту пред Силјана. Тој со сигурен глас ми соопшти:„Знаеш, Вера, Силјан Мицевски негува голема љубов кон својата сопруга Виолета”! Се израдував, ветив дека нема да го издадам, но не можам ваквиот однос кон жената да не го истакнам и сега пред нежниот пол. Сметам дека со ваквиот однос, Силјан, или неговиот добар пријател, само ги дуплираат поените од страната на нас сите –жените.

          Но, во случајов нема место во една рецензија да се набележат сите дејности и активности на Силјан Мицевски, кои ја испонуваат оваа убава и голема книга. Таа е еден вид исечок од историјата на Битола, особено местото на битолските градоначалници и нивните дела што се паметат или с‘е уште траат.

          Вистинскиот тон и суштина на нејзиното заслужено објавување го подвлекува резимираниот текст од проф. д-р Ѓорѓи Михајловски, кој посебно ја акцентира способноста на Мицевски да формира во Битола значајно градежно претпријатие „Пелистер”, со маркетинг порака дека „Градежното претпријатие „Пелистер” гради за ЏЏИ век”. Тој ги истакнува основните правила за успешната работа и за успесите изразени во видливи резултати. Не случајно и овој професор битолчанец заклучува:„Овој човек е исполнет со идеи и енергија. Тој не се изразува само во ГП „Пелистер”, туку тој е присутен и надвор од него со бројни активности во науката, образованието, здравството, информативната дејност, политиката, дипломатијата, спортот...” Од неговата спортска активност незаобиколни се настаните во врска со ЏЏИ ракометен турнир „Трофеј на Југославија” одржан во 1981 година во Битола, потоа со одржувањето на Првото европско боксерско првенство за кадети во 1997 година во Битола, со учество на светски спортисти од многу земји.

          Монографијата мошне прецизно ги обработува важните поглавја: Родословието на Силјан Мицевски, стопанственикот Мицевски со патеките на развојот и растежот на гигантот ГП „Пелистер”. Воведот на монографијата претставува резимирана слика на личноста на Силјан Мицевски. Покрај тоа, монографијата изобилува со интересни и важни фотографии од контактите со посетители на Битола и Собранието, со историски знаменитости и средби, кои чинат неминовен состав на оваа историја.