МОНОГРАФИЈА ЗА ЃОРЃИ – ГЕОРГЕ АТАНАСОСКИ
По повод
60-от роденден на доблесниот македонски иселеник од САД, Ѓорѓија - Џорџ
Атанасоски, книгоиздателството “Македонска искра”, заедно со гласилото
“Македонско сонце” и ТВ “Сонце” ја издаде монографијата посветена на
неговиот живот и дело, чиј авторот е Славе Николовски – Катин.
Господинот Атанасоски е
истакнат патриот, хуманист, голем донатор, докажан бизнисмен, духовен
посветеник и горд припадник на својот библиски род и македонската земја. Тој
беше и е посветен на акциите организирани и реализирани во битката за
самостојна, суверена и независна македонска држава. Џорџ Атанасоски е
еден од најуспешните македонски бизнисмени во САД и во светот, за што е
добитник на бројни награди, меѓу кои и на највисокото американско
општествено признание “Елис ајленд”
Оваа значајна и по многу
нешта единствена двојазична монографија од овој вид претставува осврт за
ликот и делото на Џорџ Атанасоски. Со тоа авторот Славе Катин успеа да го
овековечи овој познат и признат Македонец, преку кој се проектира најновата
фаза на македонската иселеничка историја.
Бизнисменот Ѓорѓија -
Џорџ Атанасоски е личност за почит и пример од кој можат и треба да се
огледаат и други Македонци во двете татковини, САД и Македонија. Нему му
припаѓа заслуженото високо место во хиерарсиската пирамида на луѓето кои
имаат големи заслуги во иселеничката македонска сага и во градењето
пријателски и бизнис мостови меѓу Република Македонија и Соединетите
Американски Држави.
Скопје, септември 2012 година
Со особена почит,
Македонска искра