Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
 

ЕСМА РЕЏЕПОВА–ТЕОДОСИЕВСКА – АФИРМАТОР НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА

     Монографијата „55 години Есма со нејзината песна” од Славе Николовски–Катин, е посветена на Есма Реџепова–Теодосиевска, амбасадор на ромската песна и македонски музички освојувач на сите меридијани. Име кое е познато и признато, уважено и респектирано во музиката. Вистината за Есма Реџепова– Теодосиевска е една необична, интересна и многу убава приказна, која е облагородена во оваа монографија и со авторовата имагинација, знаење и умеење, претставува убав пример за афирмација на македонската и ромската песна и за Република Македонија.

      Есма Реџепова–Теодосиевска е најмаркантното музичко име на ромската, македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена. Но, таа е и жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас која почнувајќи од првото музичко откривање на 11-годишна возраст кога ја пријавуваат да се натпреварува во радиоемисијата „Микрофонот е Ваш” во која ја освојува првата награда па сѐ до денес. На таа рана возраст станува популарна и тогаш ја забележува музичкиот уредник Стево Теодосиевски, кој набргу од Есма прави музичка дива на која успесите и концертите беа нејзин неминовен белег. Благодарение на својот ангелски глас таа стана прифатена и призната ширум светот. Со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам, со својата оригиналност и музичка виртуозност го освои светот и стана лесно препознатлив македонски бренд на сите континенти.

      Есма Реџепова-Теодосиевска е истакнат естраден уметник цели 55 години, јубилеј кој ретко кој може да го доживее. Таа е неуморна на музичката естрада како гласовен гениј однегуван во неприкосновен добродетел на врвна уметничка креација. Есма владее со волшебниот клуч на комуникацијата, срцето, емоциите и страста, па така, разгорени истите ги пренесува на публиката од целиот свет. Таа со неподнослива леснотија ги интерпретира ремек-делата на македонскиот и ромскиот дух што го достигнува маестралната изведба на гласот на Кралицата на песната. Тоа излегува од дното на душата и со својата сила успева да ги расплаче и најтврдите срца, бидејќи топлината и вибрациите на нејзиниот глас ги разбудуваат и најскриените емоции кај луѓето.

     Херојот на оваа монографија, Есма, со своето 55-годишно дружење со ромската и македонската песна постојано се залага за афирмација на македонската култура во Република Македонија, на Балканот и во целиот свет. Таквата угледна музичка ѕвезда, легенда и патриот – вљубеник во својата татковина, секогаш ја води светата мисла да ја претстави песната и да остави вечни траги за идните генерации.

     Многумина рекле и напишале дека Есма е Есма, единствена и неповторлива. Гласот на Есма проникнува од нејзиното срце, па таа светот го опејува, храбри, воздигнува, облагородува, збогатува, го храни и напојува со својот милозвучен глас, што ја чини редок музички уметник, а тоа и го дарува судбината, а мисијата и го трасира патот да биде хуманитарка.

    Со својот божествен глас таа досега „излажала” многу народи. Кога пеела во Шпанија, мислеле дека е шпанска Ромка. Во Русија „малку го згрешила акцентот”, па публиката помислила дека е од Узбекистан. Во Келн публиката од 20.000 посетители занемела пред нејзиниот глас. Во концертната сала завладеала апсолутна тишина како никогаш дотогаш. Таа е среќна што по втор пат била номинирана за Нобелова награда за мир. Првпат во 2002 година, како кандидат на Црвениот крст на Југославија, а во 2006 година, како адут на Светската организација на Ромите, со поддршка на 76 невладини организации и лајонс-клубови во земјава.

     Поради својата оригиналност и музичка виртуозност Есма е нарекувана Кралица на ромската музика во светски рамки. Затоа, во 2010 година, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја одликува оваа естрадна уметничка со „Орден за заслуги за Македонија”, за нејзината досегашна работа во музиката, како и за нејзините хумани дела и филантропски активности. По тој повод нејзината скромност ќе рече: „Ова високо признание не го добивам јас, туку го добиваат граѓаните на Македонија, затоа што секогаш сум присутна во нивните домови. Ова не е само признание за мене, туку признание на сите националности кои живеат во Македонија”.

    Исто така, Есма Реџепова-Теодосиевска е првата жена која во 2013 година, ја доби престижната титула „Национален уметник на Република Македонија“. Таа е трет добитник на ова највисоко државно признание, меѓу четворицата, Симон Трпчески, Милчо Манчевски и Борис Трајанов.

     Ако некој ја воздигна ромската жена како самосвесна, смела, решителна, топла, умна, трудољубива, пожртвувана, секако, тоа е Есма.

    Есма Реџепова–Теодосиевска постојано ја дарувала публиката и со убавата песна која е присутна на сите збиднувања во животот на Ромите, Македонците и на сите вљубеници на убавата песна во светот. Таа е присутна со песната „Македонско девојче”; на сите свадбени церемонии со „Чајорије шукарије”, а на забавите, без оглед на возраста на присутните, им ја развеселувала душата со песната „Чекај животе”. Нејзината порака е дека го сака животот и не штедејќи се ја подарува љубовта на луѓето. Нејзината судбинска мисија е дарување, помагање, да биде мајка над мајките, непоколеблива и истрајна во намерите секој да се опсипе со огромна љубов како непресушен извор на добрина, што ја чини ретка во овој по малку чудесен свет. А, нејзината цел на животот е хуманоста која доследно ја следи сите овие години, станувајќи препознатлива со македонската и ромската народна музика.

     Жената со божествениот глас, почнувајќи од нејзиното прво музичко откривање на 11 март 1957 година, благодарение на ангелскиот глас во изминатите 55 години, стана светски прифатена и призната. Со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам таа го освои светот. Есма со својата оригиналност и музичка виртуозност стана лесно препознатлив македонски бренд во светот.

     Пеејќи во фустан од македонското знаме, таа покажа колку ја љуби својата земја и ја носи традицијата на македонскиот и ромскиот народ, кој како трепет е прелеан низ звуците што се шират. Кога е на сцената и на турнеите, Есма не е само извонреден глас, таа е вљубеник во својата земја за која говори на сите средби со новинарите, амбасадорите, политичарите, претседателите, градоначалниците и со публиката. Често пати на многубројните гостувања, беше ангажирана да одржи предавања за нејзиното музичко творештво, на кои таа секогаш користеше можност да ја претстави својата Македонија и нејзините убавини, па, така, не е преамбициозно ако се каже дека Македонија во светот е препознатлива и по Есма Реџепова, за што говорат многубројните награди, пофалници, титули, признанија и благодарници од целиот свет. Затоа, со право се вели дека Есма Реџепова– Теодосиевска е амбасадор на нашата култура и промотор на Република Македонија.

Д-Р ЕЛИЗАБЕТА КАНЧЕСКА - МИЛЕВСКА,

МИНИСТЕР ЗА КУЛТУРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА