Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
 

СО 50. ОБЈАВЕНИ ПУБЛИКАЦИИ

     Повод за објавување на книгата „Светот на дланка“ е мојот 50-годишен творечки опус, со 50. објавени публикации. Во текот на овој период сум објавил повеќе од две илјади новинарски и други текстови на македонски и на англиски јазик во земјата и во светот и сум учествувал на педесет научни симпозиуми, конференции и други научни собири. Првите новинарски текстови ги објавив во списанијата „Духовна искра“, „Климентов збор“ и „Обединети Македонци“ од Торонто, пред педесетина години, а потоа, меѓу другите, објавував и во списанието „Македонија“ и „Иселеничкиот алманах“, како вработен во Матицата на иселениците од Македонија. Текстовите од моето новинарско перо се нижеа на страниците на „Македонска ревија“ (Macedonian reiew), „Нова Македонија“, „Вечер“, „Студентски збор“, „Миграција“ „Бирлик“, „Наша штампа“, „Културен живот“, „Лик“, „Просветена  жена“, „Трудбеник“, „Битолски весник“, „Современост“, „Македонски глас“, „Весник на МПЦ“, во Македонија, како и во „Македонски весник“ и „Снегулка“ од Шведска, „Македонски збор“ од САД, „Македонија“ од Канада, „Искра“, „Повод“ „Македонска мисла“, „Ново доба“, „Наш свет“, и „Австралиско–македонски неделник“ од Австралија, за кој бев акредитиран новинар од Република Македонија.

      Публикацијата „Светот на дланка“ е мое 50. издание, почнувајќи од првото дело „Англиско–македонскиот лимнолошки речник“, што го издаде Хидробиолошкиот завод од Охрид во 1986 година, па до денес. Во книгата се објавени 40 репортажи од доживувањата и посетите на 40 земји во светот, и тоа: со 50 двонасочни, или 100 еднонасочни патувања преку Атлантскиот Океан, почнувајќи од првиот лет во САД во 1964 година и во Канада во 1966 година па се до денес, потоа трите патувања до Австралија, посетите на: Индија, Емиратите, Средна и Јужна Америка, Европската унија и голем број земји на Блискиот Исток и Африка. Како куриозитет ќе споменам дека по повод 40-годишниот брачен живот со мојата животна сопатничка Нада Николовска–Катин, како гости на Лили и Стив Плиакес, во февруари 2014 година заминавме за Флорида. Од таму, со најголемиот брод на светот наречен „Волшебникот на морињата“ ги посетаме Хаити, Јамајка и Мексико и пак да се вратам во Мајами. Потоа со џипот на нашите пријатели ги прокрстаривме источните држави на САД на пат за Торонто, од каде нашето најдолго патување го продолжив за Виена и Скопје.

      Моите патувања во различни земји во светот ми беа мошне возбудливи, исполнети со многу непреспиени ноќи, искушенија, релаксирачки моменти, сознанија и предизвици да запознаам различни држави, места, градови, народи, култури, религии, обичаи и многу карактеристики на современиот свет. Притоа, имав можност да посетам бројни споменици кои имаат светско значење и кои оставаат вечни траги во сеќавањата на посетителот. Затоа, тешко е посебно да се издвои место, град или држава, бидејќи сите тие Господови дарби на мајката Земја имаат свое значење, величие, карактеристики и улога во афирмирањето на државите од светот каде се чувствував како дома..

      Публикацијата „Светот на дланка“, која има 440 страници е на македонски јазик, и токму на едно место, како на дланка пред читателот се отвораат широки хоризонти – и тој може да пропатува ширум светот, да се запознае со голем број земји, места, градови, интересни споменици на културите на домородното население, со културите и религиите донесени од освојувачите, особено на Англичаните, Шпанците, Французите и Португалците како и со креолизацијата на јазиците, народите..Таа е продолжение на книгата „Моите патувања по светот“, 2001.  

      Во поголемиот број земји во светот што ги посетив живее и македонско население од сите делови и краишта на етничка Македонија. Затоа, одењето по светот како новинар; потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија; како член на државни, црковни, новинарски и други делегации, и како човек на кого светот му е предизвик, патувањата беа тесно поврзани со запознавањето, истражувањето и афирмацијата на македонските православни цркви, друштва и други асоцијации ширум светот.

      Инаку, Македонците во дијаспората имаат долга историја која датира од втората половина на XIX век и со различен интензитет трае сè до денес. Тоа било диктирано од жестокоста на искушенијата низ кои минувал македонскиот народ во борбата за својот опстанок на просторот на кој постоела и се развивала државата на големиот македонски цар Александар Македонски. Распаѓањето на Отоманското Царство и формирањето на балканските држави, пак, биле повод и причина за приграбување и освојување на територијата на Македонија и за нивно асимилирање како народ, во рамките на бугарската, српската, елинската и албанската држава, под насилничкиот патрон на Големите сили и нивните глобални интереси за доминација на Балканот.

     Историската неправда, а со тоа и иселеничката голгота, особено од беломорскиот дел на Македонија е голем предизвик да се фрли светлина на страдањата и борбата на македонскиот народ за одбрана на нивниот национален идентитет, верата, културата, традициите и обичаите, кои извираат од неговите библиски корени. Тој историски факт може да се најде и најсилно да се почувствува кај Македонците во дијаспората, кои како припадници на една од најстарите цивилизации во Европа,  во битката за одбрана на националната кауза, морале да минат низ големи искушенија и страдања и да се потврдат како успешни градители на Новиот свет.

      Со создавањето на македонска држава во 1945 година, по Втората светска војна, и со прогласувањето на нејзината самостојност и независност во 1991 годи-на, состојбата во дијаспората рапидно се измени. Круна-та на тој историски вознес беше обновата на Охрид-ската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, чија улога на обединувачки фактор на Македонците дојде до израз и во етничка Македонија и кај Македонците во дијаспората, кои само тие и античките Македонци се нарекуваат со тоа име. Затоа, во оваа публикација  меѓу другото, направив обид да се осветли дел од иселеничката одисеја на Македонците во светот.

 Славе Катин