Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   

         Животот на Македонецот австралиски Андреа Бранов, сместен низ еден биографско - публицистички времепловник од перото на познатиот и признат публицист и новинар Славе Николовски - Катин во странците што следат од оваа книга, е своевидна сага за жилавоста, макотрпението, упорноста, истрајноста и непокорот. Се она што може да биде одлика сепак само на луѓе, кои колку и да трпеле удари во животот, колку и да поминале премрежја во него, колку и битки да добиле или загубиле, но не се предале. И не застанале никојпат. Туку напротив. Андреа Бранов прегрмел уште како дете и глад и страв и неспокој.
          Бил сведок на бомбардирање, на тортури и на тежок живот, на уцени на квази - демократската грчка власт. Спасувал глава како босоног трчајќи од полињата да стаса пред порти, а вдолж патот летале гранати од сите страни. Тој ја изодил и бегалската голгота '48-та, кога заминува накај селото Браилово во прилепскиот атар. Натаму, патиштата го носат кон штипските и други синори на Македонија. Работи од утро до мрак кревкото доста изгладнето, ама храбро издржливо момче. Заработува за опстој свој, но и на делот од најблиските. И во градот најградски, конзулски македонски, во Битола остана дел од споменарните страници на Бранов.          И новинарството е неговиот предизвик и големата љубов. Дописник е на весниците “Денес”, “Нова Македонија”. Андреа Бранов останува да биде нашиот многу драг пријател, другар, роднина, соактивист, господин, патриот. Останува да биде честит Македонец во австралиската земја, меѓу Македонците од сите делови на Македонија.

Фиданка Танаскова