Биографија      Библиографија      Избор на трудови публикувани од Славе Катин     Симпозиуми, конференции
   
english
          За репортажата како новинарски жанр се вели дека претставува врв на новинарското творештво или, пак, како што некои автори милуваат да речат дека таа е убавица на изразот. Репортажата е и свидетелство и документ и убав збор и откривање на човечката судбина и проникнување во социјалните драми и богатство на умни асоцијации - со еден збор печатена, изговорена или визуелна слика за човекот, настаните или појавите. Таа претставува вистинска слика на стварноста, еден нејзин детаљ, еден дел од животот. “Добриот репортер умее да ги поврзе работите од различни подрачја и од различни епохи во една целина која ги возбудува мечтите и поттикнува на размислување”.

          Таков е случајот со публикацијата “Моите патувања по светот” на новинарот и публицист Славе Николовски-Катин. Таа претставува збирка на шеснаесет подолги репортерски записи за неговите патувања и обиколка на светот: во Италија, Франција, Германија, Данска, Шведска, Унгарија, Романија, Украина, Чешка, Русија, Канада, САД, Бразил, Австралија, Индија, Египет, Турција и Израел.

          Насловната целина на репортерските записи е структурирана со наднаслов - име на земјата во која престојувал новинарот на секој од неговите записи има наслов по кој ги пренесува сликите и импресиите (на пр., Романија: Букурешт - град на булевари, Русија: Московските вечери, Бразил: Зимска романса во Рио итн.) Секоја репортажа на главата носи најубав “шешир”- насловот. Тој во новинарските родови, особено во новинарската белетристика има одлучувачка улога за репортажата бидејќи од него зависи дали очите на читателот “ќе се залепат” на текстот и на понудената содржина. Убавиот наслов е како убаво аранжиран излог што ги мами купувачите да влезат во продавницата.

          Во теоријата на новинарството се познати четири најтипични наслови на репортажата. Првиот е: наслови-симболи, вториот наслови-загатка, третиот фигуративно-информативни наслови и четвртиот, наслови-синтеза. Славе Николовски - Катин на овие извонредно успешни четива, го користи третиот вид наслови кои дозволуваат информациите фигуративно да бидат појако нагласени. (На пример, Индија: “Плачот на Калкута”. Овој наслов на едноставен начин ја синтетизира содржината на репортажата за Мајка Тереза, чија содржина остава силен впечаток”).

          Методологијата на создавање на репортажата се сведува на композиција со повеќе нејзини варијанти. Таа методологија има, главно, два типични вида што се однесуваат на интерпретација и јазично изразување. Едниот начин е дијалогот каде авторот има право и да ги интерпретира не само зборовите, туку и мислите на јунакот на својата репортажа. Јазичното изразување е многу осетлив, па дури и деликатен вид на методологија на создавање на репортажата. Стилот на пишување зависи од човекот. Новинарството како дејност и професија има свои закони кои мора да се почитуваат. Тоа се краткост и јасност. Тоа го бара и репортажата која, пак, на репортерот му дозволува и одредена духовитост, стилски фигури, асоцијации во изразот итн. Во репортажите на Славе-Катин речникот е богат и разновиден, јазикот е литературно изнијансиран, а стилот на пишување е суптилен и слоевит.

          Репортерските записи насловени како “Моите патувања по светот” на Славе Николовски-Катин, всушност се описи на краишта, предели, градови, држави, во кои новинарот патувал и го опишува она што на тој пат го привлекува неговото внимание. Во новинарското обликување на репортажите на Славе Катин доаѓа до израз неговата автентичност, документарност и конкретно прикажување на она што е најбитно. Тоа е сигурната информираност за она за што се пишува со мерка и рамнотежа во оценката и квалификациите на ситуацијата, одговорност во употребата на информацијата, пренесувањето на атмосферата и амбиентот, смислата за реалност во извлекувањето на заклучокот и одредување на пораката на секоја одделна репортажа што е потенцирано во насловната целина.

          Како новинар-репортер на неговите “Патувања низ светот” авторот се интересира за сè што е во неговата средина и сè што се случува. Тој знае да ја напрегне својата љубопитност до степен на професионален нагон за способност за забележување. Во неговите репортерски записи доаѓа до израз чувството за детаљ, како посебна одлика. Сето ова наведува на заклучокот дека Славе Николовски-Катин е репортер со енциклопедиски познавања и информации за градовите и за земјите што ги посетил и преку оваа збирка репортажи несебично се прикажува на читателската публика во Македонија.

Д-р Томе Груевски