Биографија Библиографија Избор на трудови публикувани од Славе Катин Симпозиуми, конференции |
![]()
МОНОГРАФИЈА ЗА БЛАГОЈ МЕХАНЏИСКИ – ЗЕГИН
![]() Монографијата е посветена на херојот Благој Механџиски, кој постојано се залага за афирмација на аптекарството во Република Македонија, на Балканот и пошироко. Таквата угледна бизнис ѕвезда, легенда во аптекарската фела, вљубеник во народот, во својата татковина, секогаш го водела светата мисла да го претстави бизнисот и да остави вечни траги за идните генерации. Животната приказна за Благој и неговото семејство Механџиски започнала во убавата Малешевија, во селото Русиново. Питом и мирен регион, исто толку и дарежлив и сѐ уште неоткриен дел од природата, а богат со културно наследство. Предел во кој се родени или имаат потекло плејада македонски револуционери, интелектуалци, бизнисмени, професори, новинари, научници, книжевници, различни стручњаци и други личности кои се борат за афирмација на својот крај, на македонската вистина и кои постигнале видни резултати на различни полиња. Меѓу нив посебно се истакнува Благој Механџиски, за кого со право се вели дека е еден од најголемите македонски бизнисмени и хуманисти. Тој со својата харизма, упорност и докажани дела и вредности, како и со неговата неотстапност останува доследен и горделив Македонец, двигател на мислата за слобода во аптекарството, за што заслужува големо признание. Многумина рекле и напишале дека Благој, Бари, Зегин е еден и единствен, неповторлив. Бизнисот проникнува од неговото срце, па тој го храбри, воздигнува, облагородува, збогатува, го храни и ги напојува луѓето кои купуваат во „ЗЕГИН“,а тоа му го дарила судбината, додека мисијата му го трасира патот да биде посветен деловен човек, хуманист, донатор, добротвор... Животната и бизнис сага на Благој Механџиски, истовремено е еден вид сторија и историска вистина на Малешевијата, на Македонија, на деловното живеење, на успесите, падовите и постигнувањата на една голема компанија како што е „ЗЕГИН“. Со оваа автобиографија за животниот пат, дело и постигнувања, сублимирано се проектира најновата фаза на историјата на деловниот живот во Македонија. Со тоа значењето на оваа монографија ги надминува рамките на обично дело за животот на еден бизнисмен од Македонија. Приказната за Благој Механџиски-Зегин и на неговото семејство е и иста и единствена и слична и идентична и различна со судбините на неколку врвни македонски бизнисмени. Директорот по медицина, Благој Механџиски е еден од десетте маркантни имиња по богатство во Македонија. Во исто време, тој е човекот кој голем дел од животот посветил на хуманоста, човекољубието и добрината. Уште како студент на Медицинскиот факултет во Скопје станува популарна студентска личност. Тој е истакнат бизнисмен индивидуално четириесеттина години, а 25 години како сопственик и директор на веледрогеријата „ЗЕГИН“, јубилеј кој секој сака да го доживее. Тој е неуморен на полето на бизнисот како гениј однегуван во неприкосновен добродетел на врвен деловен човек. Во ова дело даден е дел од сликата на Благој Механџиски и неговиот животен сопатник, д-р Вера Механџиска, младото поколение, нивната животна прикаска и судбина, нивниот заеднички живот и постигнувања. Во автобиографското дело, на наративен начин, на македонски и на англиски јазик се презентирани историскиот, животниот, семејниот, деловниот и творечкиот опус, пред сè, на Благој Механџиски-Зегин. Со тоа се прави обид да се фрли светлина врз неговиот животен пат. Трудот е компониран во десет поглавја, во кои секој дел има по повеќе делови, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина. Така, првото поглавје е насловено како дел од животот на Благој Механџиски, во кое се дадени текстови за неговиот живот, посветеноста на бизнисот, за неговиот брачен живот со сопругата Вера, како и за неговото семејно стебло. Вториот дел е посветен на неговата татковина Македонија, при што се поместени материјали и податоци од античко време до денес. Во делот, пак, посветен на Малешевијата презентирани се пригодни материјали за Берово и Русиново, родниот крај и пошироко, сегде онаму каде што Благој Механџиски и денес е присутен и со бизнисот и со живеењето. Посебно поглавје е посветено за големиот македонски револуционер Даме Груев, чија судбина била да погине за Македонија, токму во атарот на селото Русиново, на планинскиот врв Петлец. Тоа е место од каде Даме Груев ја рашири љубовта кон етничка Македонија и со истата таа исконска љубов ги задои младите македонски генерации, кои со почит се поклонуваат пред неговата спомен-плоча. Името и делото на Даме Груев е тесно поврзано со голем број знајни и незнајни револуционери од Малешевијата, особено со револуционерот од Русиново, Никола Петров-Русински (Чукарски). Личност кој со своето спомен- обележје, донација на Благој Механџиски го краси центарот на Берово, а со своето име на Основното училиште во Русиново ги потсетува и старите и младите генерации да ги чуваат придобивките на слободата. Најголем простор во монографијата е посветен на минатото и сегашноста на веледрогеријата „ЗЕГИН“, аптекарскиот бисер во Македонија. Компанијата која има 86? аптеки и 1400? вработени, кои со најевтините лекови им служат за доброто здравје на народот. Исто така, се сместени материјали за иднината на „ЗЕГИН“, особено со проширување на бизнисот и во лозарството и во виното, како и во здравата храна, што претставува иднина на животот на современиот човек. За целата досегашна работа, активности и постигнувања, особено на хуманитарно поле, „ЗЕГИН“ и Благој Механџиски се добитници на голем број награди, пофалници и значајни признанија од врвни институции од Република Македонија, Балканот и пошироко. Како автор на оваа монографија на Благој Механџиски, големиот бизнисмен, хуманист и чувар на македонската бизнис клима, делото го посветив на значајниот дваесет и петгодишен јубилеј на „ЗЕГИН“, на неговиот живот и дело, како и на благородното семејство Механџиски. Во делото презентирам голем број текстови за бурната историја за веледрогеријата „ЗЕГИН“ и за бизнисменот Механџиски, како и документи, фотографии и други материјали со кои се потрудив монографијата да претставува приказ на неговиот живот и дело и историја за веледрогеријата „ЗЕГИН“. Како биограф на Благој Механџиски-Зегин, се потрудив делото да биде скромно огледало на неговиот животен пат, неговите големи деловни постигнувања, судбината, минатото, сегашноста и иднината, дел од неговите лични и семејни постигнување, како и дел од иднината на неговото семејство во рамките на македонската бизнис историја. Се надевам дека во тоа успеав монографијата да биде интересна за читателот и да претставува вечно дело на големиот македонски бизнисмен и донатор Благој Механџиски и веледрогеријата „ЗЕГИН“. Славе Катин Risto Kiradziev
|