![]() |
![]() |
Биографија Библиографија Избор на трудови публикувани од Славе Катин Симпозиуми, конференции |
![]() „ИЛИНДЕН ВО ЉУБОЈНО И ПРЕСПА“
Не случајно делото е насловено „Илинден во Љубојно и
Преспа“ и е посветено на Илинден и на илинденските иселенички
средби во Љубојно и Преспа. Затоа што Илинден, Втори август е
запишан со крупни позлатени букви во историјата на македонскиот
народ, а особено во историјата на Преспа. На тој ден во 1903
година избувна Илинденското востание, а на истиот тој ден,
односно на 2 август во 1944 година, Македонија се конституира во
држава. А, Илинден, тој величествен ден на сенародниот
македонски копнеж за борба и слобода, на најголемиот празник од
сите празници во Македонија, го прави Љубојно да е најубаво,
највесело и најпривлечно место. На Илинден во Љубојно се игра и
се пее, се јаде и се пие, се чувствува топло гостопримство и
срдечност кај сите оние што доаѓаат да се сретнат со своите
роднини, пријатели, познати. Иселеничките средби, кои се одржуваат 40 пати досега,
се исполнети со интересни содржини како што се промоции,
литературни читања, беседувања, разговори и друго. По традиција,
на 2 август сретсело на Полена се одржува општ собор на
многуилјадниот народ. Ечат песни и ора, се радуваат луѓето на
многуте визити, видувања, спомени и завет - дека каде и да се,
ама на Илинден, во Љубојно да се. На Илинден во Љубојно се собираат голем број иселеници
од прекуокеанските и од европските земји, Преспанци што живеат
низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на
Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите
села, туристи и бројни повратници од Преспа, Битолско, Охридско
и од други За одржувањето на љубанските средби, меѓу другите
заслужни се љубанци, Месната заедница Љубојно, „Илинденските
денови“ - Битола, Општината Ресен, Агенцијата за иселеништво на
Република Македонија, бројни оркестри, естрадни уметници,
фолклорни групи, медиумите во Македонија, како и голем број
вљубеници во Љубојно и нивни пријатели, кои дале значаен прилог
и придонес средбите да бидат добро организирани, масовни, да
имаат поширок карактер и да бидат вечни. Притоа, посебно
признание треба да им се оддаде на долгогодишните организатори
Владо Пашариковски, Бошко Рајчовски-Пелистерски, Ламбе
Алабаковски, Славица Петревска-Диневска и други. Желбата на сите е средбите во Љубојно да бидат вечни,
затоа што и Македонија е вечна. Таа постои уште од античко
време, кога и била формирана големата и славна Македонска
Империја на Филип и Александар Македонски. А, денес, Македонија е само продолжувач и негувач на
тие корени и на славното македонско име. Македонија е библиска
земја, а македонскиот народ е библиски и христијански, кој
своето постоење и опстанокот низ историјата, најверојатно, му го
должи, меѓу другото, и на празникот Илинден. Овој голем ден
верската и национална симболика на македонскиот народ ја издигна
до ниво на магија која го поврзува, независно дали се наоѓа во
Македонија, Австралија, Европа, Канада, САД, Европската унија
или на други простори во светот. Овој македонски празник е ден
над деновите, симбол над симболите, магнет над магнетите, со кој
националното ткиво има своја резонанса по која светот ги
распознава Македонците. Населението од Преспа, а особено љубанци се верници и
страсни приврзаници на христијанската - православна вера. Затоа,
уште од дамнина започнале да градат цркви и манастири, кои
служеле и служат како најмасовни собиралишта на национално и
верско обединување. Таквата љубов кон верата, кон нацијата, кон
сопствената црква и кон Македонија, љубанци заедно со другите
Македонци од етничка Македонија ја продолжиле не само во
Македонија, туку и на новите простори низ светот. Така, со
доселувањето во новите средини Македонците станале едни од
најактивните луѓе кои почнале да градат цркви низ целиот свет,
односно онаму каде што се доселиле. Љубојно отсекогаш било расадник на високообразовни
кадри кои, најнапред, основното образование го стекнале во
Централното осумгодишно училиште „Димитар Влахов“. Во ова
училиште своето образование го добиле неколку стотици лекари,
правници, адвокати, професори, инженери, писатели, поети,
новинари, доктори на науки и многу други интелектуалци од
Сливница, Крани, Арвати, Штрбово, Наколец, Брајчино, Долно
Дупени и Љубојно. За голем број интелектуалци и вљубеници во пишаниот
збор од Долна Преспа во Република Македонија, во егејскиот дел
на Македонија и од Мала Преспа е посветен посебен простор во
монографијата. Монографијата „Илинден во Љубојно и Преспа“, всушност е
само откинат дел од вистината за овој предел на етничка
Македонија. Таа е збир на факти, искажувања и придонес на
авторот и на голем број Македонци со позитивна енергија ширум
светот. Затоа и пораката на делото е тоа нека биде поттик на
идните генерации, без разлика каде се наоѓаат, да не ги
забораваат корените на прадедовската земја, да бидат
продолжувачи на македонската државност, јазик, црква, култура,
обичај, верувања, и чувари на македонската земја и вистината за
тој напатен дел од Македонија - Преспа. Ова илустрирано дело излезе благодарение на големиот
број содружници, пријатели, интелектуалци, обични, едноставни
вљубеници во овој дел на Македонија и насекаде во светот. Сите
тие со своите сеќавања, податоци, финансиска помош и позитивен
однос кон својата татковина Македонија помогнаа монографијата да
види виделина од македонското Сонце.
|